Македонија

Мисијата на Бугаринот Петар Драганов за афирмација на Македонците и македонскиот јазик од пред еден и пол век

„Литературата на македонското наречје, колку и да е мала, во секој случај е факт. Зарем јас ги измислив јазикот и тенденциите на Пулевски, Шапкарев, А. Ресенецот, Партеније Дебарски?“ – напишал уште пред еден и пол век во своите дела Бугаринот Петар Данилович Драганов, основоположникот на македонистиката во Русија, сомисленик и еден од учителите на Крсте Мисирков и Димитрија Чуповски. Од 1885 до 1887 година во Солун ги проучувал дијалектите на учениците-Македонци од територијата на цела етничка Македонија, кои во тоа време се школувале во Солун.  Пред да дојде во Солун Драганов мислел дека Македонците се Бугари, затоа што така го учела бугарската пропаганда. Но, откако ги проучил македонските дијалекти, заклучил со аргументи дека Македонците не се ниту Бугари, ниту Срби, туку посебен и самостоен народ во Балканот. Денешната 169-годишнина од раѓањето на овој исклучително значаен бугарски и руски македонист е повод за потсетување на неговиот живот и научна дејност, која ги фрла во вода уште од пред еден и пол век сите денешни и тогашни бугарски негирања и фалсификати за непостоењето на македонскиот народ и јазик. Ова го објави весникот „Нова Македонија“ во своја статија со наслов „Бугарската пропаганда разбиена со научни аргументи за македонските дијалекти“.

Натаму весникот истакнува: Драганов е роден на денешен ден, на 13 февруари во 1857 година во семејство на бугарски колонисти во градот Комрат, тогаш во Руската империја, а денес во Молдавија. Бидејќи бил Бугарин по националност, бугарската црква (Егзархијата), го повикува Драганов да работи како професор во Солунската машка гимназија, заради ширење бугарска пропаганда меѓу учениците-Македонци, кои учеле во Солун. Неговата задача била да ја продолжи бугаризацијата на македонското население. Драганов работи во Солун од 1885 до 1887 година. Кога дошол во Солун бил приврзаник на бугарскиот став за Македонците, односно пораснал со лажната бугарска историја, со која бил школуван, дека Македонците се Бугари. Но, за време на предавањата Драганов почнал да го истражува македонскиот идентитет и барал од своите ученици – Македонци, да му носат и да му запишуваат песни, раскази, преданија од сите делови на етничка Македонија. Покрај тоа, и самиот собирал етнографски материјали од разни краишта на Македонија. Составил обемен зборник на фолклорни материјали, кој му овозможил да ги проучува, како што истакнал, „особеностите на македонските говори во споредба со бугарските говори“

После двегодишните обемни етнографски и лингвистички истражувања во Македонија, Драганов ќе изгради сопствен став за етничкото потекло и културниот идентитет на Македонците. Врз основа на обемниот изворен јазичен и етнографски материјал Драганов заклучува дека Македонија е посебна етнографска целина на Балканот и оти македонските говори (дијалекти) се дел од посебен македонски јазик, а Македонците се посебен балкански народ. Поради ваквите негови ставови, кои биле во директен судир со бугарската пропаганда, Бугарите веднаш го враќаат Драганов дома. Потоа преку бројни написи и предавања тој ќе ги постави темелите на македонистиката во Русија. Своите согледувања за етнојазичната посебност ги изнесува и во книгата со наслов „Македония и македонците. I: Македонски славянски сборник / Петър Драганов“, објавена во Санкт Петербург, во Русија, во 1894 година.

Одговорот од Драганов на „очајните свињари“ дека „не бугарофилствувал“ и оти го „продал бугарското дело“

Како доследен македонолог и основоположник на македонистиката во Русија, афирматор на македонската национална свест, на македонскиот јазик и литература, на македонскиот фолклор и етнографија и на македонската историја и култура на крајот од 19 и почетокот на 20 век, Драганов им упатил жестока порака-одговор на сите, како што ги нарекол, „свињари“, кои жестоко го напаѓале. „Србите и особено Бугарите го презираат ова македонско наречје, а мене ме напаѓаат, затоа што не се однесувам со почит и верба кон нивните големи политички идеи и оти препорачувам некаква посебна македонска литература… Но, тие свињари не знаат дека литературата токму на македонското наречје, колку и да е мала, во секој случај е факт и не ја измислив јас. Па зарем јас го отпечатив зборникот на Миладиновци (не е важно што Хрватите во Загреб го нарекоа ‘блгарски’, со глупавото и неумесно Ѫ)? Зарем јас ги измислив јазикот и тенденциите на Пулевски, Шапкарев, А. Ресенецот, Партение Дебарски?“ – навел во своите записи Драганов.

Како одговор на нападите и дека го „продал бугарското дело“, Драганов возвратил дека „многу го сака македонското наречје“: „Некои бугарски автори со егзархиските пропагандисти во Македонија констатираа дека јас, како чист Бугарин по потекло, малку, или недоволно бугарофилствувам… некои дури и заклучија дека лошо се однесувам како Бугарин и оти сум го продал бугарското дело. Голем дел од тоа што веќе го имам отпечатено за македонското наречје… и што уште имам намера да отпечатам за тој предмет, јасно покажува дека многу го сакам тоа наречје, му пожелувам, спротивно на српските и на бугарските желби, долготрајност и литературен развој.“

Така Бугаринот Драганов ја запознал и ја засведочил во Европа и Балканот етнокултурната и јазичната посебност на македонскиот народ, Тој ја афирмирал неуморно таа македонска засебност посебно во рускиот печат, пишувајќи за македонскиот јазик, за народното творештво и за етнографијата. Историчарот Блаже Ристовски во своите истражувања нагласува: „Неговите статии предизвикаа вонредно внимание во науката и во политиката од втората половина на XIX век и го изнесоа македонскиот проблем на европско научно ниво.“ Според него, „Македонско-словенскиот зборник’ на Драганов е е прв (и единствен) труд, што го претставува македонското поетско народно творештво под македонското национално име и толкувано од македонско национално гледиште – сѐ до Рациновите ’Македонско-народноослободителни песни‘ од 1943 година“!

Петар Данилович Драганов починал на 7 февруари во 1928 година во Комрат. Блаже Ристовски, Гане Тодоровски, Манол Пандевски и други историчари, лингвисти и научници од различни профили со своите истражувања придонесоа да се сфати големината на неговата личност и значењето на неговото дело за нас, Македонците, за нашето минато, за нашата современост и нашата иднина. – се заклучува во статијата на „Нова Македонија“.

 

 

 

 

Најнови вести од: Македонија

Ѓорѓиевски: Голем инфраструктурен проект во Чаир – се реконструира „Лазар Трповски“, до крајот на 2026 и фреквентниот булевар „Цветан Димов“!

Денес заедно со градоначалникот на општина Чаир Изет Меџити го означивме почетокот на реконструкцијата на една од клучните сообраќајни артерии во овој дел од градот, улицата „Лазар Трповски“. Проектот е клучен, бидејќи значи поголема безбедност, ред и ново достоинство за граѓаните. Станува збор за целосна реконструкција со нов асфалт на двете коловозни ленти, изградба на стандардизирани тротоари, велосипедски патеки од двете страни, уредени паркинг-простори и современ систем за јавно осветлување. Ова е современо сообраќајно решение, кое ја става безбедноста на прво место – и на возачите, на пешаците, и на велосипедистите. – објави на својот фејсбук-профил градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски

Македонски „административни куриозитети“: Отишла да го регистрира бебето, но ја воделе во евиденција како „почината“ речиси 20 години!

Тројца вработени во Центарот за социјални работи Тетово во СВР Тетово вчера пријавиле сомневање за сторено кривично дело „фалсификување исправа“.

Во пресрет на празникот „Св. Трифун“, заштитникот на лозарите, исплатени им се 7, 8 милиони евра на 12.458 корисници!

Соопштувајќи преку фејсбук за најновата исплата на 7 милиони и 823 илјади евра на лозари, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во објавата истакнува: Парите се исплатени според мерка 1.8 „Директни плаќања по обработлива земјоделска површина за одржување постојни лозови насади“.

Мицкоски и раководството на германскиот гигант „Шварц груп“ разговарале за инвестиции и отворање нови работни места

Премиерот Христијан Мицкоски денеска во рамките на 62. Минхенска безбедносна конференција оствари работна средба со раководството на германскиот гигант „Шварц груп“, под чија капа работат светски познатите брендови „Лидл“ и „Кауфланд“. Како што информира премиерот на фејсбук, разговарале за нивните планови за инвестиции, отворање нови работни места и модернизација на трговскиот сектор во нашата земја.

Лефков: Кога беше Заев премиер имавме министерство, кое наместо да ги лекува граѓаните, се грижело во Македонија да се одгледува марихуана!

„Уште колку пари му требаат на Заев, уште 100 илјади, двесте илјади денари, за да можат јавноста и Македонија да ја дознаат вистината? Не може да бидете премиер и да имате министерство за здравство, кое наместо да се грижи за здравјето на луѓето, да имате ситуација, во која луѓето се лекуваат со физиолошки раствор, а притоа истовремено да имате дадено повеќе од 70 лиценци за одгледување марихуана. Значи, сте имале министерство, кое наместо да ги лечи граѓаните, се грижело во Македонија да се одгледува марихуана. И тоа се факти. На кого ќе му поднесете тужба за ова и која е цената која ќе ја побарате? 100, 200, 5.000 евра ќе побарате ли? Катастрофално е да барате вакви работи и исто такви се оние, кои што ги советуваат на ова.“ – изјави пратеникот Миле Лефков во „Наткаст“ на порталот „Курир.мк’.

Најнови вести

To top