Македонија

Мицкоски: Осудувам секаков говор на омраза, вклучително и по етничка основа

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека осудува секаков вид говор на омраза, вклучително и оној на етничка основа. Смета дека никој не треба да користи таков говор и оти од државните институции ќе побара најстроги санкции за оние што ќе навредуваат по етничка основа.

– Во врска со какви било националистички испади, дали се тоа навивачки групи или што било друго, апсолутно ги осудувам. Апсолутно. И тука не треба да имате дилема, без разлика дали тоа доаѓа од една навивачка група кон друга или од друга кон трета или од трета кон четврта, од една етничка припадност кон друга и од друга кон трета и така натаму. Апсолутно не можам да прифатам навредување врз основа на етничка припадност и јас тоа како човек сум го кажал и ќе продолжам да работам на негово спречување – рече Мицкоски во одговор на пратеничко прашање на пратеникот Ријад Шакири.

Премиерот апелира до сите граѓани во државата тоа да не го прават, а како што нагласи, од органите на државата ќе бара најстроги казни за оние што тоа ќе го направат, без разлика, дали тие испади ќе бидат на натпревар „Вардар“ – „Башкими“, од навивачката група „Комити“ кон етничката припадност на најголемиот дел од играчите во фудбалскиот клуб „Башкими“… – тоа, потенцира Мицкоски, е недозволиво.

Вели дека тој како пратеник би дал добар пример ако на реверот на својот костим има значка не само со албанско знаме, туку и со македонско.

– Да речеме, јас денеска би дошол со значка на која би ги имал двете знамиња, да речеме, не само албанското, туку и македонското. И тоа ќе е силна порака, но вие таа можност сте ја испуштиле. Сте дошле само со една значка, а тоа е албанската. Вие сте пратеник во македонскиот парламент и плата добивате од буџетот што го полнат сите граѓани на Македонија, без разлика на етничката припадност. Затоа можеби добра порака ќе беше ако дојдевте со таква значка, но, вие таа можност ја пропуштивте – рече премиерот Мицкоски.

Додаде дека како Влада направиле многу работи за да ги релаксираат меѓуетничките односи во државата.

– Тоа и се случува. Морам да признам овде пред вашите колеги пратеници дека кога бевте во коалиција со нас, од ваша страна добивавме комплименти и пофалби дека тоа сме го направиле. Но, сега сте опозиција и мислите дека со ваков тип на пораки ќе добиете политички поени. Господине Ријад Шакири, за мене е изненадувачки бидејќи за вас сум имал високо мислење, сум мислел дека сте ги надминале тие етнички прегратки и мислев дека навистина пошироко ги гледате работите. Се надевам дека ова што денеска го кажавте не го мислите и се надевам дека сте космополит човек во душата имајќи предвид дека многупати сме разговарале лично и сум добил поинаков вчечаток. Се надевам дека следниот пат кога ќе поставувате прашање или кога ќе дојдете на работа во македонскиот парламент, на значката, покрај албанското знаме, кое е етничко знаме на народот на кој му припаѓате, ќе го има и македонското бидејќи од оваа држава добивате плата – истакна Мицкоски.

Пратеникот Шакири истакна дека е факт оти го носи својот национален симбол. – Ова ми го даде премиерот на Албанија, кога вие ќе ми донесете значка со знамето на Република Северна Македонија, на идната седница ќе го носам и тоа – рече Шакири. По ова, нему му беше дадена значка со македонското знаме, која тој ја стави до значката со албанското знаме.

Во врска со прашањето за безбедноста и функционирањето на „Безбеден град“, што беше дел од прашањето на Шакири до премиерот, Мицкоски истакна дека тој проект го правеле неколку влади, но оти бил постојано одложуван.

– Пред некој ден првпат имаме случај во кој, барем онаму каде што покриваат камерите, не е забележано поминување на црвено светло. Ова првпат се случува. Цел ден никој не поминал на црвено светло – рече Мицкоски.

Додаде дека во Куманово дневно има приближно осум до 10 сообраќајни прекршоци дневно, како и во Тетово.

– Генерално, најголемиот број, некаде меѓу 300 и 400 прекршоци, се на територијата на градот Скопјe, во делот покриен со камери и на коридорите 8 и 10, оној дел од автопатите што се покриени со камери, така што дневно, би рекол, може да заокружиме 500-600 сообраќајни прекршоци од разна природа – зголемена брзина над дозволената, поминување на црвено светло, нерегистрирани возила и така натаму – рече премиерот.

Исто така, додаде Мицкоски, во текот на овој месец ниедно лице не настрадало во сообраќајна несреќа, што, според него, се должи и на воспоставувањето на системот „Безбеден град“.

– Во февруари немаме лице што загинало како резултат на сообраќајна несреќа. Сообраќајните несреќи се намалија за 50 проценти… Значи, придобивките сега се такви и тоа се бројки и факти пред кои, велат, и боговите молчат истакна премиерот Мицкоски од собраниската говорница. (МИА)

Најнови вести од: Македонија

Интервју: Глупост е Самуил да се враќа во Бугарија, тој таму никогаш и не бил, вели професор Атанасовски

Професорот Александар Атанасовски, чија специјалност е средниот век, вклучително и времето на Византија и Самуиловото Царство, беше гостин во емисијата Радио Точка, во рамки на програмата Хоризонт на Бугарското национално радио БНТ. Централна тема – договорот меѓу Бугарија и Грција за пренесување на наводните коски на цар Самуил од Солун во Софија.

(Фото): Означен стартот на 22. издание на „Виз Ер Скопски маратон“, улиците преполни со учесници

Град Скопје е покровител на спортската манифестација, а градоначалникот вели дека градските служби се подготвени да ја обезбедат потребната поддршка за нејзино успешно одржување.

Пола Скопје ќе биде затворено за сообраќај – стартува 22. издание на „Виз Ер“ Скопскиот маратон

Од Министерството за внатрешни работи апелираат граѓаните да го избегнуваат движењето по овие сообраќајници во периодот од 06:00 до 14:00 часот и да ги почитуваат наредбите на полициските службеници на терен.

(Видео): Државата е енергетски стабилна, се очекува поевтинување на горивата, вели Мицкоски

Државата не е голем потрошувач на гас и постои план за справување со можните предизвици, велат од Владата. Премиерот кажа и дека разговарал со големите нафтени компании. Премиерот очекува и поевтинување на горивата веќе од следната недела.

Во пресрет на грејната сезона – парно, струја, дрва: Што најмногу го празни џебот?!

Најефикасното, но и најскапо современо решение е топлотна пумпа систем воздух-вода. Оваа инвестиција бара помеѓу 6.500 и 9.000 евра, иако потоа месечната потрошувачка на струја за целата куќа е приближна на трошокот за два инвертер уреди. За домаќинствата кои немаат буџет за вакви системи, поставувањето на три поквалитетни инвертер клими со инвестиција од околу 2.500 евра.

Секоја десетта цигара во ЕУ е нелегална, црниот пазар ја опфаќа и Македонија

Предизвик за европските институции не е само растот на нелегалното производство, туку и неусогласениот начин на кој земјите му се спротивставуваат. Националните системи за контрола и спроведување значително се разликуваат, кривичните дела и казните не се доволно хармонизирани, а и натаму постојат празнини во соработката и размената на информации меѓу надлежните институции.

To top