Македонија

МНР: Навредливи се и провокативни изјавите на Демерџиев и Радуков за Михајлова – тоа е директно мешање во внатрешните работи на македонската држава!

На средбата, како што соопшти МНР на Република Македонија, било изразено незадоволство од неодамнешната изјава на министерот за внатрешни работи на Република Бугарија, Иван Демерџиев, во врска со случајот со Ива Михајлова, која беше оценета како навредлива и провокативна.

Денеска, во Министерството за надворешни работи на Република Македонија беше повикан претставник на Амбасадата на Република Бугарија, кој во отсуство на амбасадорот ја извршува функцијата вршител на работи.

„На средбата беше изразено незадоволство од неодамнешната изјава на министерот за внатрешни работи на Република Бугарија, Иван Демерџиев, во врска со случајот со Ива Михајлова, која беше оценета како навредлива и провокативна. Воедно, беше изразено незадоволство и од изјавата на амбасадорот Желјаско Радуков за бугарската телевизија БТВ, која ја оценуваме како директно мешање во внатрешните работи на нашата држава, имајќи ги предвид изнесените квалификации во однос на работата на надлежните институции“, велат од Министерството.

Од таму велат дека од македонска страна било посебно нагласено дека ваквите провокации го оддалечуваат билатералниот дијалог од рамката во која треба да се развиваат добрососедските односи – врз основа на меѓусебно почитување, воздржаност и конструктивна комуникација.

„Во тој контекст, беше укажано дека ваквото однесување може да наметне потреба од соодветна институционална реакција согласно со одредбите на Виенската конвенција за дипломатски односи, која јасно ги утврдува рамките на дипломатското дејствување и принципот на немешање во внатрешните работи на државата на прием. На крајот од средбата уште еднаш беше нагласена нашата посветеност на развојот на добрососедските односи, засновани на меѓусебно почитување, доверба и европски принципи, при што истата посветеност и одговорност ја очекуваме и од бугарската страна“, соопштија од Министерството.

Радуков, во интервју за бугарската телевизија бТВ, изјави дека би бил исклучително изненаден доколку македонските власти не знаеле за нејзиното заминување, но нагласи дека нема информации оти тоа било однапред договорено.

Најнови вести од: Македонија

Аларм: Секое 10-то дете во Македонија изложено на сексуална злоупотреба на интернет

Секое десетто дете во Македонија на возраст од 12 до 17 години коешто користело интернет било изложено на сексуална експлоатација и злоупотреба. Станува збор за околу 12.000 деца, бројка што ја потврдува и последното истражување на УНИЦЕФ.

(Видео): Проблемот со кравите во Крива Паланка стигна до Обвинителството – Општината поднесе кривични пријави

Крива Паланка, заедно со жителите од засегнатите села, поднесоа неколку кривични пријави до Обвинителството поради институционално непостапување по извршни решенија за одземање на добитокот што слободно шета во градот и пошироко.

УКИМ не платил сметки за струја, ако не се плати долгот – факултетите ќе останат во мрак

Дел од државните факултети и Ректоратот од утринава се во мрак поради неплатени сметки за електрична енергија. Ова за Телма го потврдија и од ЕВН. Без струја останаа Машинскиот, Електротехничкиот, Природно – математичкиот, земјоделскиот факултет, но и зградата на Ректоратот.

Велковски: Во владина постапка се измените на Законот за детска заштита, од 2027 поголема поддршка за децата со посебни потреби

Измените на Законот за детска заштита веќе се во владина процедура, каде се предвидува зголемување на постоечките државни износи за поддршка, со посебен фокус на децата со посебни потреби, изјави министерот за труд и социјална политика и млади, Ѓоко Велковски одговарајќи на пратенички прашања во Собранието, нагласувајќи дека се очекува овие измени брзо да ја поминат собраниската процедура и од 1 јануари 2027 година децата од оваа категорија да добијат зголемени средства.

Николоски: Од 1 јануари 2027 државата ќе биде единствен организатор на интернет-игрите на среќа и ВЛТ терминалите

Владата останува на ставот за ограничување на игрите на среќа и веќе презеде конкретни законски мерки со кои се намалуваат можностите за нивно организирање, истакна заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, одговарајќи на пратеничко прашање на Јована Мојсоска од Левица поврзано со работењето на Државна лотарија, односно дали Владата ќе иницира разрешување на директорот на Државна лотарија, Александар Климовски, како и дали ќе биде затворена платформата за онлајн коцкање „Мегавин“.

To top