Речиси 630 возачи се санкционирани за надминување на дозволената брзина во рамките на само шест часа засилени сообраќајни контроли што ги спроведе Министерството за внатрешни работи низ целата територија на државата.
Контролите се реализираа на 4 октомври, во периодот од 14 до 20 часот, и беа насочени кон возачите кои не ги почитуваат ограничувањата на брзината.
Од вкупно 628 констатирани прекршоци, 344 се однесуваат на надминување на брзината надвор од населено место, додека во населените места биле регистрирани уште 284 случаи.
За сите утврдени прекршоци се преземени соодветни мерки и се изречени санкции согласно законските прописи.
Покрај прекршоците поврзани со брзото возење, полициските службеници во текот на контролите констатирале и 66 прекршоци од друг вид.
Од МВР најавуваат дека ќе продолжат со засилените сообраќајни контроли низ целата држава, со цел зголемување на безбедноста во сообраќајот и намалување на ризиците што произлегуваат од непочитувањето на ограничувањата на брзината.