Македонија

НМ: Расте скептицизмот во земјите ставени „на чекање“ во ЕУ

Билатерализацијата на пристапниот процес на Македонија кон Европската Унија и замижувањето на официјален Брисел пред ултиматумите што од одделни земји членки со децении ѝ се наметнуваат на земјава придонесоа за големото разочарување меѓу македонските граѓани за она што значеше европска идеја и наша стратешка цел. Ако некаде во 1990-тите години поддршката на Унијата во земјава […]

Билатерализацијата на пристапниот процес на Македонија кон Европската Унија и замижувањето на официјален Брисел пред ултиматумите што од одделни земји членки со децении ѝ се наметнуваат на земјава придонесоа за големото разочарување меѓу македонските граѓани за она што значеше европска идеја и наша стратешка цел.
Ако некаде во 1990-тите години поддршката на Унијата во земјава изнесуваше над 90 отсто, сега три децении подоцна таа од година на година сѐ повеќе паѓа како резултат на европските неконзистентни политики кон земјава, пишува во анализа „Нова Македонија“

„Имено, додека сите актуелни земји членки, особено оние од поновиот бран проширувања преговараа според критериумите од Копенхаген, а некои влегоа во ЕУ со политичка одлука без исполнети критериуми, Македонија е заложник на идентитетски, јазични и историски прашања од 19 век. И тоа не прекинува, се бара отстапка по отстапка, без реален пробив во евроинтеграциите.

Преку македонскиот пример и другите земји од регионот учеа што не треба да прават доколку сакаат да не бидат изиграни на европскиот пат, па затоа сето тоа ја урнисува довербата во ЕУ, како во Македонија така и меѓу земјите во регионот.
Последната анкета на „Евробарометар“ покажува дека довербата во ЕУ е највисока во Црна Гора и Албанија, а најниска во Србија. Во Македонија таа изнесува 54 отсто, додека 42 отсто не ѝ веруваат.

Колку за споредба, есенскиот „Евробарометар“ за 2024 година покажа дека 56 отсто од македонските граѓани имале доверба во ЕУ, што јасно говори за опаѓачкиот тренд од година на година.

Во Босна и Херцеговина, 58 отсто од граѓаните имаат доверба во ЕУ, а 37 отсто не ѝ веруваат. Во Србија, од друга страна, само мал процент од 37 отсто имаат доверба, додека 57 отсто велат дека имаат тенденција да не ѝ веруваат, покажуваат резултатите од истражувањето што беше објавено на 28 мај.

Анкетите се спроведени во секоја земја во март и април годинава, при што податоците за висока доверба се бележат само кај оние земји кон кои ЕУ барем засега не испорачала билатерални условувања, туку тие преговараат исклучиво врз Копенхашките критериуми, кои дури и се спуштени на минималното ниво за да можат да се сметаат за исполнети.

Имено, затоа 83 отсто од граѓаните на Црна Гора имаат тенденција да ѝ веруваат на ЕУ, додека 17 отсто да не ѝ веруваат. Исто е и со граѓаните на Албанија и Косово, кои исто така имаат високо ниво на доверба во ЕУ, 80 односно и 79 отсто.

Кога станува збор за членството во ЕУ, 50 отсто од македонските граѓани веруваат дека тоа ќе се случи, додека другата половина е скептична.

Најнови вести од: Македонија

Мицкоски побара од Бугарија, како НАТО-партнер, да ѝ го испорача осудениот Михаилов, баран со потерница, кој се појавува на протести во Софија!

„Ние имаме потерница за тоа лице и очекувам нашите партнери да постапат соодветно на партнерството.“ – рече денеска премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за случајот со Симеон Михаилов. Михаилов е осуден на 12 години затвор во Македонија, но избега пред да ја отслужи казната. Тој сега се појавува на бугарски телевизии и на протести во Софија, од каде што ја брани неговата ќерка Ива Михаилова, на која ѝ се суди во Кочани за сообраќајна несреќа со еден загинат.

Мицкоски: Ќе продолжиме да ги решаваме проблемите на граѓаните, затоа ја добивме довербата од нив!

Претседателот на Владата на Република Македонија Христијан Мицкоски во одговор на новинарско прашање денеска при претставување на „Градскиот воз“ истакна дека и покрај сите предизвици во Европа како наш најголем трговски партнер, сепак трендот на раст на бруто-домашниот производ се очекува да продолжи и оваа година и  да изнесува некаде меѓу 3,5 и 4% проценти.

„Н.М.“: Македонија има причина да биде во Европа, со свој идентитет и јасно дефинирани македонски интереси, но не безусловно!

Исландскиот референдум не треба да биде лекција против Европската Унија, туку лекција за самодоверба во преговорите. Исланѓаните не рекоа: „ЕУ не ни треба“. Тие рекоа: „Ние ќе одлучиме кога, како и под кои услови ќе разговараме за нашата иднина“. Тоа е демократска зрелост. И токму таква зрелост ѝ треба на Македонија. Не да му каже „не“ на Брисел. Но ниту автоматски да кажува „да“ на секое барање. Туку да научи да кажува: „Ова е нашиот интерес. Ова можеме да го прифатиме. За ова можеме да преговараме. А ова не можеме да го прифатиме“. И тоа да го каже аргументирано, мирно и европски. Ова се нагласува во анализата со наслов „Македонија има причина да биде во Европа, но како своја и со својот изворен идентитет и карактер“, која е објавенма денес „Нова Македонија“.

To top