Министерот за одбрана Владо Мисајловски најави нова ера и историски години за модернизацијата на Армијата на Република Македонија изразена во стотици милиони, па и милијарди евра.
„Македонската армија ќе биде на повисоко ниво и со неа ќе се гордееме, ќе биде модерна армија со многу голема огнена моќ“, изјави тој во интервју за Сител ТВ од Вашингтон, кадешто беше дел од македонската делегација на втората сесија од Стратешкиот дијалог САД – Македонија.
„Ќе го оствариме планот за десет години и она што се бара од НАТО, внимателно, чекор по чекор. Ќе има реакции, но гледате што се случува во регионот и на геополитичката сцена, има две паралелни војни и секоја земја забрзано купува опрема. Мора да си го гледаме својот двор и да склучиме договори што побрзо со големи држави, зашто за опрема многу се чека во целиот овој сплет на околности. Многу ќе се зголемува буџетот во Министерството за одбрана, што ни дава шанса да се позиционираме во наредните десет години, да бидеме фактор на стабилност, да купуваме опрема за наши потреби, но утре да помагаме во разни мисии и интероперабилноста да ја зголемиме на секое ниво“, додаде Мисајловски.