Македонија

Охридскиот договор е исполнет, Бадентеровото мнозинство е завршена тема

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Охридскиот рамковен договор е целосно исполнет и дека таа тема е завршена.

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Охридскиот рамковен договор е целосно исполнет и дека таа тема е завршена. Одговарајќи на новинарско прашање дали Владата размислува за ревизија на Бадентеровото мнозинство, кое е дел од Охридскиот договор и вградено во Уставот, Мицкоски потенцира дека фокусот е на други приоритети. Ова доаѓа по изјавата на министерот за правда Игор Филков, кој во интервју за „Фокус“ рече дека можеби е време да се преиспита потребата од Бадентеровото мнозинство.

Според Мицкоски, вистинскиот институционален проблем бил алатката „балансер“, која беше укината од Уставниот суд. Тој најави дека сега се работи на нов Закон за правична застапеност, кој, освен етничката компонента, ќе вклучува и критериуми за оценка на квалитетите и компетенциите на кандидатите за вработување. „Законот е испратен на мислење до Венецијанската комисија, и штом го добиеме, ќе го ставиме на гласање“, изјави премиерот.

Во интервју за „Фокус“, направено пред собраниската седница во саботата, на која не беа изгласани измените во Изборниот законик поради недостиг на Бадентерово мнозинство, Филков изјави дека се надева оти Собранието ќе ги заврши своите обврски и нема да дозволи правен вакум. Тој додаде дека, доколку Бадентеровото мнозинство се злоупотребува, можеби е време да се размисли за негово преиспитување, бидејќи „Македонија мора да оди напред“.

Од друга страна, портпаролот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Арбер Адеми, денес на прес-конференција предупреди дека идеите за ревизија на Бадентеровото мнозинство се опасни и ги нарушуваат меѓуетничките односи. Тој тврди дека Владата систематски го напаѓа Охридскиот договор, посочувајќи на потези како укинувањето на балансерот, непочитувањето на правичната застапеност и игнорирањето на Законот за употреба на албанскиот јазик.

На ова реагираше потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи, поранешен министер за надворешни работи и актуелен кандидат за градоначалник на Општина Чаир. На социјалните мрежи, тој изјави дека изјавата на Филков е доказ за постоење на план за постепено уривање на Охридскиот договор.

Најнови вести од: Македонија

Мицкоски побара од Бугарија, како НАТО-партнер, да ѝ го испорача осудениот Михаилов, баран со потерница, кој се појавува на протести во Софија!

„Ние имаме потерница за тоа лице и очекувам нашите партнери да постапат соодветно на партнерството.“ – рече денеска премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за случајот со Симеон Михаилов. Михаилов е осуден на 12 години затвор во Македонија, но избега пред да ја отслужи казната. Тој сега се појавува на бугарски телевизии и на протести во Софија, од каде што ја брани неговата ќерка Ива Михаилова, на која ѝ се суди во Кочани за сообраќајна несреќа со еден загинат.

Мицкоски: Ќе продолжиме да ги решаваме проблемите на граѓаните, затоа ја добивме довербата од нив!

Претседателот на Владата на Република Македонија Христијан Мицкоски во одговор на новинарско прашање денеска при претставување на „Градскиот воз“ истакна дека и покрај сите предизвици во Европа како наш најголем трговски партнер, сепак трендот на раст на бруто-домашниот производ се очекува да продолжи и оваа година и  да изнесува некаде меѓу 3,5 и 4% проценти.

„Н.М.“: Македонија има причина да биде во Европа, со свој идентитет и јасно дефинирани македонски интереси, но не безусловно!

Исландскиот референдум не треба да биде лекција против Европската Унија, туку лекција за самодоверба во преговорите. Исланѓаните не рекоа: „ЕУ не ни треба“. Тие рекоа: „Ние ќе одлучиме кога, како и под кои услови ќе разговараме за нашата иднина“. Тоа е демократска зрелост. И токму таква зрелост ѝ треба на Македонија. Не да му каже „не“ на Брисел. Но ниту автоматски да кажува „да“ на секое барање. Туку да научи да кажува: „Ова е нашиот интерес. Ова можеме да го прифатиме. За ова можеме да преговараме. А ова не можеме да го прифатиме“. И тоа да го каже аргументирано, мирно и европски. Ова се нагласува во анализата со наслов „Македонија има причина да биде во Европа, но како своја и со својот изворен идентитет и карактер“, која е објавенма денес „Нова Македонија“.

To top