Македонија

Планираното„обединување на Европа“ до 2030 нема да биде лесно

Идејата за ново проширување на ЕУ до 2030 година ја промовираше поранешниот претседател на Европскиот совет, Шарл Мишел, на Бледскиот форум во август 2023 година, истакнувајќи дека Европската Унија мора да биде подготвена за прием на нови членки до овој датум.

Идејата за ново проширување на ЕУ до 2030 година ја промовираше поранешниот претседател на Европскиот совет, Шарл Мишел, на Бледскиот форум во август 2023 година, истакнувајќи дека Европската Унија мора да биде подготвена за прием на нови членки до овој датум.

Следниот бран на проширување е повторна средба со историјата, повторно е геополитички императив. Сите, и земјите кандидати и институциите на ЕУ, имаме многу работа. Би сакал да го повторам моето цврсто верување дека двете страни мора да бидеме подготвени за проширување до 2030 година“, изјави Мишел во едно од своите обраќања, повторно споменувајќи ја 2030 година како цел за прием на нови членки.

Од тогаш, 2030 година стана клучен референтен датум во Брисел кога се зборува за иднината на пристапниот процес на земјите кандидати за членство.

Лидерите на ЕУ постојано нагласуваат дека земјите кандидати мора да ги исполнат Копенхагенските критериуми и другите договорени услови за да се приклучат кон Унијата, но и дека самата ЕУ треба да спроведе внатрешни реформи за да може да прими нови членки.

Наследникот на Мишел, Антонио Кошта, на почетокот на септември 2025 година, исто така на Бледскиот форум, порача дека пристапувањето на Западниот Балкан, Молдавија и Украина во ЕУ не е само ветување, туку приоритет.

Овие земји се во срцето на Европа и се дел од иднината на Европа. Во наредните години, мора да ја подготвиме Унијата за проширување – преку реформи, буџетски прилагодувања и зајакнато управување. Проширувањето нема да биде лесно. Но, ќе вреди“, нагласи Кошта.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во своето годишно обраќање „Состојбата на Европската Унија“ пред Европскиот парламент во средата, исто така, истакна дека иднината на Украина, Молдавија и Западниот Балкан е во ЕУ.

За да овозможиме да се случи следното обединување на Европа, ги доближуваме идните земји членки до нашата Унија, инвестираме, поддржуваме реформи, интегрираме во Единствениот пазар. Мора да го продолжиме темпото на овој процес базиран на заслуги, бидејќи само обединета Европа може да биде независна Европа“, изјави Фон дер Лајен.

Еврокомесарката за проширување, Марта Кос, на почетокот на септември, по состанокот на министрите за европски прашања на земјите членки и кандидатите во Копенхаген, изјави дека процесот на проширување мора да се заснова на Копенхагенските критериуми.

Нашата Унија е отворена и тие врати ќе останат отворени за оние кои целосно, праведно и транспарентно ќе ги исполнат Копенхагенските критериуми“, рече Кос, додавајќи дека процесот се базира на заслугите и објективниот напредок на секоја земја кандидат.

Прва лента на проширувањето – внатрешни реформи на ЕУ

Целта за проширување до 2030 година останува официјален приоритет на ЕУ. За седницата на Европската комисија на 29 октомври 2025 година, кога ќе бидат објавени извештаите за напредокот на земјите кандидати, предвидена е и дискусија за предлог-реформи за проширувањето. Според порталот „Њу Јунион Пост“, документот на Комисијата ќе вклучува предлози за внатрешни и надворешни реформи, нагласувајќи дека тие се „неопходни“ за да се подготви ЕУ за прием на нови членки.

Истовремено, Европскиот парламент подготвува сопствен предлог за реформи. На седницата на Комитетот за уставни прашања на 23 септември 2025 година, ќе се разгледува извештај за потребата од внатрешни реформи. Според европратеникот Сандро Гози, без реформи, проширената ЕУ ризикува „парализа“ и влошување на проблемите со ефикасноста, демократијата и функционирањето.

Фон дер Лајен во своето обраќање нагласи дека ЕУ треба да премине на одлучување со квалификувано мнозинство во одредени области, како надворешната политика, за да се ослободи од ограничувањата на консензусот.

Верувам дека треба да преминеме на одлучување со квалификувано мнозинство во некои области, на пример во надворешната политика. Време е да се ослободиме од оковите на консензусот“, рече Фон дер Лајен.

Марта Кос, исто така, истакна дека подготовката на ЕУ за проширување и самиот процес на проширување се „еден ист проект“.

Проширувањето и подготвеноста за ЕУ се ист проект… Тоа е пат со две ленти, и проширување и подготовка, во исто време“, заклучи Кос.

Фото Европска комисија

Втора лента на проширувањето – реформи во земјите кандидати

Клучен дел од процесот на проширување се реформите во земјите кандидати и исполнувањето на Копенхагенските критериуми.

Македонија аплицираше за членство во ЕУ во март 2004 година, доби кандидатски статус во декември 2005 година, но поради блокадите од Грција, а потоа и од Бугарија, првата меѓувладина конференција се одржа дури во јуни 2022 година. Преговорите моментално се блокирани поради барањето за уставни измени за вклучување на Бугарите во Уставот, што е услов за отворање на 33-те преговарачки поглавја.

Црна Гора е актуелен лидер во процесот. Аплицираше во декември 2008 година, доби кандидатски статус во декември 2010 година, а преговорите ги започна во јуни 2012 година. Има отворено сите 33 поглавја, од кои седум се времено затворени, и цели да ги заврши преговорите до крајот на 2026 година, што би можело да доведе до членство кон крајот на 2028 година.

Албанија, која до неодамна напредуваше заедно со Македонија, аплицираше во април 2009 година, доби кандидатски статус во јуни 2014 година, а преговорите ги започна во јули 2022 година. Има отворено 24 поглавја, а во вторник се очекува да отвори уште четири, со амбиција за членство во 2029 година.

Србија аплицираше во декември 2008 година, доби кандидатски статус во декември 2010 година и ги започна преговорите во јуни 2012 година. Има отворено 21 поглавје, од кои две се затворени, но напредокот е во застој поради условите за нов закон за медиуми, изборно законодавство, регулатор за електронски медиуми, владеење на правото, борба против корупцијата и нормализација на односите со Косово.

Босна и Херцеговина аплицираше во февруари 2016 година, доби кандидатски статус во декември 2022 година, но се уште не е во фаза на преговори.

Украина и Молдавија аплицираа во февруари и март 2022 година, добија кандидатски статус во јуни 2022 година и ги започнаа преговорите во јуни 2024 година. Сега се во фаза на скрининг, но брз почеток на преговори по поглавја не се очекува, особено за Украина.

Грузија аплицираше во март 2022 година, доби кандидатски статус во декември 2023 година, но го замрзна процесот во ноември 2024 година.

Турција, најстариот кандидат, аплицираше во 1987 година, доби кандидатски статус во 1999 година, а преговорите ги започна во 2005 година. Има отворено 16 поглавја, едно затворено, но преговорите се замрзнати од 2018 година поради „демократско назадување“.

Косово аплицираше во 2022 година, но како „потенцијален кандидат“ има нејасна перспектива поради непризнавањето од пет земји членки на ЕУ.

Финансиска поддршка за пристапниот процес

За периодот 2028-2034 година, буџетот на ЕУ предвидува 42,6 милијарди евра за проширување, источно соседство и остатокот на Европа, што е зголемување од 37% во споредба со 2021-2027 година. Од нив, 21 милијарда евра се за Инструментот за претпристапна помош (ИПА 3) и Новиот план за раст.

Тие средства не се само за техничка помош, туку и за поддршка на реформите и за инвестиции“, рече Фон дер Лајен.

Планот за раст на Западниот Балкан, вреден шест милијарди евра до 2027 година, вклучува две милијарди евра грантови и четири милијарди евра заеми за поддршка на реформи и инфраструктура. Македонија доби 52,4 милиони евра во март 2025 година за претфинансирање.

Перспективи на проширувањето

Марта Кос нагласува дека проширувањето не е само проширување на територијата, туку обединување на Европа.

Проширувањето не ја прави ЕУ само поголема по бројот на квадратни километри и по бројот на луѓе. За мене тоа е многу повеќе. Туку станува збор за обединување на Европа, па затоа со зголемување на поддршката на сите оние кои вложуваат напорна работа за да ги исполнат условите за членство, ние сме на патот да ја обединиме нашата Европа“, рече Кос.

Според Евробарометар, 56% од европските граѓани го поддржуваат проширувањето, особено младите од 15 до 39 години. Поддршката за членство е висока во Албанија (92%), Грузија (74%), Македонија и Украина (70%), Босна и Херцеговина (67%), Црна Гора (64%), Молдавија (63%), Турција (58%), но во Србија е само 33%.

Експертката Желајке Чаки смета дека консензус за проширување до 2030 година е малку веројатен.

Ако ЕУ сака да се прошири во оваа деценија, односно до 2030 година, мора да го реформира процесот на прием и да обезбеди поголема поддршка за зајакнување на кревките демократии. Јазот помеѓу официјалните извештаи на ЕУ и јавните изјави на лидерите за забрзан процес е неодржлив“, рече Чаки.

Аналитичарите проценуваат дека првото ново проширување би можело да се случи во 2030 година, но поверојатно е кон средината на следната деценија, при што останува неизвесно кои земји би биле вклучени.

Најнови вести од: Македонија

To top