Македонија

После 30 години од последниот упис, нова генерација полициски службеници со Средно полициско училиште

Почнува со настава средното полициско училиште

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска ја посети Полициската академија, каде што официјално започна наставата за 310 ученици од првата генерација на обновеното Средно полициско училиште „7 Мај“.

Со почетокот на новата учебна година, по три децении од последниот упис, Македонија повторно добива генерација ученици кои своето средно образование ќе го завршат со стекната професија полициски службеник.

Во рамки на посетата, министерот Тошковски свечено им ги врачи договорите за школување на првите десет кандидати и им посака успешен почеток на образовниот процес, нагласувајќи дека денешниот ден претставува значаен момент за Министерството за внатрешни работи и за иднината на македонската полиција.

„Први септември 2026 година. Конечно после 30 години од последниот упис во рамките на Средното полициско училиште во Македонија, имаме нова генерација на идни полициски службеници, коишто ќе имаат своја професија ‘полициски службеник’ во Македонија со завршено Средно полициско училиште за две години отсега. Нека им е честито на сите дечиња коишто се запишаа во рамките на Средното полициско училиште“, истакна министерот Тошковски.

Тој потенцираше дека во следните две години учениците ќе поминат низ образовен процес во кој, покрај нивната лична посветеност и труд, значајна улога ќе имаат професорите, менторите и едукаторите кои ќе бидат вклучени во нивното образование и професионално оспособување.

„Сигурен сум дека за две години отсега, со посветена и макотрпна работа, со трудот којшто ќе биде даден и од страна на професорите и од страна на менторите и од страна на сите оние едукатори коишто ќе бидат вклучени во процесот, а најмногу од страна на учениците, ќе можеме да се гордееме со нова бројка на полициски службеници коишто имаат завршено Средно полициско училиште“, рече Тошковски.

Министерот упати благодарност до сите кои во изминатиот период беа вклучени во процесот за повторно воспоставување на Средното полициско училиште.

„Огромна благодарност уште еднаш до сите оние коишто макотрпно работеа во изминативе две години денеска да го дочекаме овој ден после 30 години во Македонија, повторно да имаме државно Средно полициско училиште“, порача Тошковски.

Повторното воспоставување на Средното полициско училиште „7 Мај“ е дел од процесот на јакнење на кадровските и образовните капацитети на Министерството за внатрешни работи, со цел создавање нови генерации професионални, обучени и одговорни полициски службеници подготвени да одговорат на современите безбедносни предизвици и да им служат на граѓаните и државата.

Најнови вести од: Македонија

Хуманитарната трка „Трчаме со срце“ – 290 тркачи, едно срце и една повисока цел

Градскиот парк во Скопје на 19 септември пулсираше во ритамот на хуманоста, дружењето и спортскиот дух. На јубилејната СОС Хуманитарна трка powered by IT4Charity, 290 тркачи застанаа на стартната линија со една заедничка цел – да трчаат со срце и да дадат свој придонес за децата и младите на кои им е потребна поддршка.

СДСМ се огласи: Нема извинување за министерката Божиновска

СДСМ побара од министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска да одговори на обвинувањата што партијата ги изнесува за нејзината поранешна поврзаност со компании од „Руднап груп“, како и за зделка вредна 13,2 милиони евра за набавка на броила од српската компанија „Метер-контрол“.

Божиновска: СДСМ да ги повлече лагите или одиме на суд

„Фактите се јасни, повеќе од 12 години немам никаква деловна ниту приватна релација со ‘Руднап’. Немам никаква поврзаност со предметната набавка, ниту со постапката што ЕВН, како приватна компанија, ја спроведува самостојно и за сопствени потреби, вели министерката за енергетика

To top