Македонија

Претседателката учествуваше на ,,Розовиот пикник појадок“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова континуирано ја искажува својата институционална и лична посветеност кон оваа кауза, поддржувајќи го настанот уште од неговото прво издание

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова даде силна поддршка на традиционалниот хуманитарно-едукативен настан „Розов пикник појадок“ кој денеска се одржа во Градскиот парк во Скопје, кај локацијата Школка.

Таа на својата Фејсбук страница објави прекрасно видео стори на овој ЛИНК

,,Утрово, Градскиот парк осамна во розово, а Школка се отвори за „Розовиот пикник појадок“, каде што разговаравме и ги слушнавме искуствата на жените кои се борат со рак на дојката, но и укажувањата за важноста на превентивните прегледи.

Денот мина во розов ритам, со гласовите на женскиот хор „Фрида“, розовата прошетка и различните содржини: од практична демонстрација за самопреглед на дојките и консултации со специјалисти за реконструктивна хирургија, до „Писмо до идната јас“, како порака што ќе нè пречека по една година.

Ме радува присуството на министерот за здравство Сашо Клековски и неговата поддршка на работата на ХЕМА-ОНКО, во функција на создавање услови за унапредување на превенцијата и навременото откривање, но и за подобра и подостапна грижа за женското здравје.

Ги охрабрувам девојките и жените да се информираат навреме и да не ги одложуваат редовните прегледи, оти сопственото здравје мора да биде императив.

Посакувам „розовото“ што денеска нè обедини да не остане само симбол врзан за октомври, туку да ја обои целата година со повеќе навремено откриени случаи и спасени животи”, објави претседателката по настанот.

Настанот собра голем број граѓани, претставници на институциите и медицински лица, сплотени во заедничката мисија за поддршка на жените кои се соочуваат со рак на дојка.

Манифестацијата е во организација на Здружението ХЕМА-ОНКО, посветено на поддршка на пациентите со рак и нивните негуватели, и компанијата „Медикус Хелп“.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова континуирано ја искажува својата институционална и лична посветеност кон оваа кауза, поддржувајќи го настанот уште од неговото прво издание.

Организаторите истакнаа дека примарната цел на овој собир е да им се оддаде признание на сите жени кои секојдневно и храбро ги пребродуваат тешките предизвици на болеста, испраќајќи порака дека системот и општеството стојат зад нив.

„Сакаме да им покажеме дека не се сами, заедно сме посилни и можеме многу повеќе. Силни сме кога сме заедно. Иако секоја борба е лична и единствена, таа станува полесна кога се споделува со некој што разбира и чекори по истиот пат“, порачаа од организацискиот одбор.

Покрај мотивирачкиот карактер, „Розовиот пикник појадок“ годинава имаше силен фокус на регистрацијата, раната дијагностика и превентивните прегледи. Навременото препознавање на симптомите и скрининг програмите се клучни фактори кои директно спасуваат животи и влијаат врз намалувањето на смртноста од рак на дојка.

Настанот беше збогатен со разновидна инспиративна програма, каде што присутните од сите генерации покажаа дека солидарноста е најсилното оружје во остварувањето на целта – подобар квалитет на живот за пациентите и создавање општество со што е можно помалку заболени.

Приказната од настанот на овој линк
https://www.facebook.com/share/1KMym7swz3/?mibextid=wwXIfr

Најнови вести од: Македонија

To top