Денес во Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје беше претставено јубилејното издание на Македонскиот буквар „Абецедарот – сто години потоа“ (1925-2025). Во првиот дел се поместени три авторски статии на проф. д-р Нада Јурукова, проф.д-р Виолета Ачкоска и на проф. д-р Елка Јачева Улчар. Во вториот дел целосно е пренесен „Абецедарот“ во неговата оригинална форма на левата страна од книгата и транскрибираните страници со кирилско писмо, од десната страна.
Претседателот на Светскиот македонски конгрес Тодор Петров на претставувањето истакна дека „Абецедарот“ првпат бил отпечатен во Атина во 1925 година како сведоштво за постењето на Македонците во Грција и во светот. Претставувачот проф. д-р Никола Жежов рече дека македонската историографија направи неколку реизданија на „Абецедарот“ и оти ова последново е основен историски извор за признавањето од страна на Владата на Атина на македонската националност на нејзина државна територија. Според него, „Абецедарот“ реобјавен и дополнет со стручни текстови од професорките Јурукова, Ачкоска и Јачева Улчар треба да му го покажеме на секој странски научник, историчар, филолог или обичен човек кој се интересира за Македонија и за нејзината историја, како што рече, за да биде директен одговор на грчката негаторска политика кон националниот карактер на македонското прашање.
Проф. д-р Виолета Ачкоска пред промоцијата изјави дека „Абецедарот“ е специфичен поради азбуката на која е напишан. „Абецедарот е напишан на латиница, веројатно тоа е грчки маневар повторно да се избегне бугарската и српската кирилица бидејќи Бугарите и Србите барале заштита на своето малцинство во Грција. Грците тврделе дека не се работи ниту за бугарско, ниту за српско малцинство, туку за автохтоно славоговорно население како што го викале бидејќи одбегнувале да употребат епитет македонски. Славоговорно население во Грција кое е автохтоно, кое не е ни бугарско, ни српско, кое говори свој автентичен јазик. И Букварот всушност го изразува јазикот на тоа автохтоно подрачје, само што азбуката е на латиница заради овој политички контекст што бил присутен тогаш во таа историска клима.“ – појасни Ачкоска.

Таа информира дека овој буквар не се употребувал во образовниот процес, делумно некои го виделе, но набрзо грчката држава го уништила. „Но, штом се сочувал некој примерок, фактички дека тој бил виден. Така во 1985 година првпат се преобјавува во Грција. Постоел таму, го знаеле македонското население, но за жал како што воопшто не било признаено ниту македонско малцинство, ниту Македонците имале образовни, политички и национални права, така и овој буквар останал да не биде применет. Никогаш не бил ставен во практика. Во текот на Втората светска војна и во Граѓанската војна имало на територијата каде делувала Комунистичката партија имало отворање на некои македонски училишта, но тогаш се прави еден нов буквар, а не Абецедарот. Абецедарот дури по 60 години од неговото објавување првпат се преобјавува. Кај нас во Македонија, неколку пати е преобјавен, за сега ние да направиме едно покомплетно издание, поразлично од другите, заедно со транскрипција од латиница на кирилица што го направи колешката Јачева Улчар, со многу широк историски преглед што го направи колешката Нада Јурукава, а јас го направив делот на актуелизација, од денешен аспект значењето и колку историјата нам ни се повторува, од пред војната до денешен ден.“ – истакна Ачкоска.
Александар Јаневски, претседател на Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија „Македон“ на промоцијата информира дека на 16 декември 2023 година Сојузот „Македон“ во МАНУ за време на академијата по повод деведесет и осум години од публикувањето на „Абецедарот“ во Атина, ја прифати иницијативата на професорките Нада Јурукова, Виолета Ачкоска и Елка Јачева – Улчар за негово преобјавување во 2025 година, а по повод 100-годишнината.
„Наша искрена и голема благодарност до нив, поради иницијативата и авторското учество во неговото јубилејно преобјавување. Годинава одбележуваме и 76 години од крајот на т.н. Граѓанска војна во Грција 1946-1949 година и 77 години од егзодусот на децата Македонци од Егејскиот дел на Македонија во 1948 година. Се сеќаваме на најцрната страница од поновата историја на Македонскиот народ. Остануваме посветени на трајно решение на македонското прашање, врз основа на веќе апсолвираното универзално неотуѓиво, неотстапно и неприкосновено право на самоопределување и самоидентификација на Македонскиот народ на суверена и самостојна држава Македонија, во согласност со одлуките на референдумите одржани на 8 септември 1991 и 30 септември 2018 година.“ – рече Јаневски.
Бараме, како што рече, итно и безусловно еднострано раскинување на Договорот Заев-Борисов од 1 август 2017 година и Протоколот Османи-Генчовска од 17 јули 2022 година, како и Спогодбата Димитров-Коѕиас од 17 јуни 2018 година, бидејќи претставуваат санкционирање на Букурешкиот договор од 10 август 1913 година, а со цел: Македонија од држава да стане територија без македонски народ и историја, чии администратори ќе бидат Атина и Софија. „Бараме итно и безусловно продолжување на членството во Обединетите Нации под единственото државно, историско и генеричко име кое се состои само од еден единствен збор – зборот Македонија! Бараме итно и безусловно еднострано распуштање на меѓувладините македонско-бугарска и македонско-грчка комисија за ревизија на македонската историја.“ – рече Јаневски.
На претставувањето присуствуваше архиепископот Охридски и Македонски Стефан, универзитетски професори и писатели.