Македонија

Сестра Жанета Богоевска Митева избрана за претседател на Европската федерација на асоцијации на сестри за интензивна нега

Европската федерација на асоцијации на сестри за интензивна нега (EfCCNa)

Сестра Жанета Богоевска Митева, долгогодишна вработена во Клиниката „Жан Митрев“, е избрана за претседател на Европската федерација на асоцијации на сестри за интензивна нега (EfCCNa).

EfCCNa е водечка европска организација што обединува 35 национални асоцијации од 26 држави, со повеќе од 30.000 медицински сестри. Нејзината основна цел е унапредување на грижата за критично болните пациенти, поддршка на нивните семејства и развој на заеднички европски стандарди во клиничката пракса, едукацијата и истражувањето во областа на интензивната нега.

Сестра Жанета Митева од 2014 година ја претставува Македонија во EfCCNa, а во изминатите три години активно членува и во Управниот одбор на федерацијата, како и во Европската организација за сестри специјалисти (ESNO). Изборот за ново раководство беше одржан во рамките на есенскиот состанок на федерацијата, кој се одржа во Лондон од 10 до 12 октомври 2025 година, каде сестра Митева беше избрана со едногласна поддршка од претставниците на европските држави, соопштија од Клиниката.

-Голема чест и привилегија е што ја добив довербата на моите колеги од цела Европа. Овој избор не е само личен успех, туку признание за трудот, професионализмот и континуираната посветеност на медицинските сестри од Македонија, изјави Митева.

Таа е дел од Клиниката повеќе од 24 години, со богато искуство во областа на интензивната нега и анестезијата. Позната е по својата професионалност, лидерски пристап и активна улога во континуираната едукација и развој на медицинскиот персонал.

Нејзиниот избор на чело на EfCCNa претставува значајно признание не само за Клиниката, туку и за целокупниот систем на здравствена нега во Република Македонија. Ова претседателство ќе овозможи директна размена на искуства со водечки европски центри, примена на најсовремени стандарди и протоколи во третманот на критично болните пациенти, како и понатамошно унапредување на квалитетот на медицинската нега во земјата, соопштија од Клиниката.

Најнови вести од: Македонија

Андоновски: На Обвинителството му нудиме систем за електронска архива за поголема контрола врз предметите

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, во вечерашното гостување на Телевизија Алфа, во емисијата „За или против“, говореше за придобивките од Националниот документ менаџмент систем (еДМС) кои се исклучително важни во зголемување на ефикасноста на институциите и борбата против корупцијата

(Видео): Има пари за луксузирање на владата, граѓаните не можат да се прехранат, реагира Филипче

Филипче посочи дека растот на цените на енергенсите и горивата директно довел до поскапување на основните прехранбени производи. Раст на цените и притисок врз граѓаните.

Проектот за брз автобуски превоз во Скопје ќе се реализира со заем од 70 милиони евра од ЕБРД!

Вицепремиерот Александар Николоски објави дека Владата дава силна поддршка за реализација на проектот за брз автобуски превоз (БРТ) во Град Скопје. Тој нагласи дека средствата од 70 милиони евра ќе бидат обезбедени преку заем од ЕБРД, а рокот за завршување е февруари 2029 година.

To top