Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, вчерашниот настан на Платформата за промени во СДСМ го оцени како обид за дефокусирање на јавноста од владините политики и порача дека партијата останува единствениот опозициски бастион во државата.
Според Филипче, настанот претставува здружување на лица кои дејствуваат во интерес на власта со цел да се фрагментира опозицијата во период кога, како што рече, раководството на СДСМ отворало клучни општествени и економски прашања. Поранешните партиски функционери на СДСМ, вели, ги потцениле членовите на партијата и дека нивните постапки се дел од подолг процес насочен против социјалдемократите.
– Вчера видовме на едно место мала група на пучисти, поранешни функционери на СДСМ, но и членови на други партии, на ЛДП, луѓе вработени од ЗНАМ, и, внимавајте, на Левица, партијата којашто има целосно спротивни вредносни политики од нашите, партијата којашто отворено застапува руски и кинески интереси тука кај нас и е финансирана од Русија и од Кина…Вчера се докажа дека Социјалдемократскиот сојуз на Македонија е единствениот опозициски бастион во земјата. СДСМ вчера се покажа и се докажа дека е единствената партија којашто може да биде и е носител на опозициското движење и да ја канализира целата опозициска енергија во земјата. Жалам што тие поранешни партиски наши функционери, партиски другари, ги потценија членовите на СДСМ – рече претседателот на СДСМ.