Македонија

Стражај: Македонија има и свои граници, не може барањата на Бугарија да одат во недоглед!

„Македонија има горчливо искуство со ставањето на билатералните прашања во евроинтеграцијата. Вие со децении се подготвувате за пристапување и сте уморни од овие процеси. Но сега во Европската Унија има моментум за проширување, којшто треба да се искористи, во исто време продолжувајќи со спроведување на реформите. Пристапувањето сега го загрозуваат билатерални прашања, кои се вклучени во проширувањето и поради начинот на гласање во ЕУ ова e навистина голем проблем за некои држави вклучувајќи ја и вашата. Ова може да продолжи да биде проблем, ако начинот на донесување одлуки не се промени во иднина.“ – вели директорот на Словачката асоцијација за надворешна политика од Братислава Томаш Стражај во разговор за Македонската информативна агенција – МИА.

Во однос на сѐ погласните предлози за членство на земјите-кандидатки во ЕУ, но без целосни права на донесување одлуки, како и без право на вето, со цел да се забрза проширувањето и дали ова е реално Стражај вели дека целосно ја поддржува етапната, или постепена интеграција. „На државите треба да им се даде можност да бидат интегрирани во различни фази во Европската Унија, со цел да имаат учество, или барем да имаат статус на набљудувачи. Ова ќе им овозможи да имаат директно влијание врз одлуките што не се однесуваат само на нив, туку и на идното проширување не Унијата. Не можам да предвидам дали овој предлог ќе биде реален, или не, но моментумот е тука, дури и внатре во ЕУ се споменуваат и конкретни датуми за можно следно проширување. Но многу е важна и подготвеноста на одделни земји од Западен Балкан, како ја завршуваат својата домашна задача.“ – посочува Стражај.

Тој додава дека тоа особено важи за Македонија, која се подготвува со децении за процесот. „Вие сте уморни од овие процеси, но моментумот треба да се искористи.  Но владите не треба да се откажуваат од спроведување на реформите за судството, за антикорупцијата, бидејќи се неопходни за идниот развој на државите и просперитетот, не само за интеграцијата. Двете страни треба да направат сѐ, за да исполнат. Мментумот од ЕУ е тука, сега таа дава сигнал и докажува дека проширувањето сега е приоритет.“ – нагласува Стражај.

На прашањето за вклучувањето на билатералните прашања во пристапувањето Стражај вели дека земјава има горчливо искуство со ставањето на билатералните прашања во интеграцијата. „Вие го сменивте името, го потпишавте Договорот од Преспа, имавте неколку рунди разговори со Бугарија и со ЕУ и на потег се властите на ЕУ да ги убедат нашите бугарски пријатели дека Македонија покажа волја да ги исполни условите од бугарска страна. Но Македонија има и свои граници, не може барањата да одат во недоглед. Работата сѐ уште не е завршена и улогата на ЕУ е да се вмеша и да се обиде повторно да ја убеди Бугарија дека Македонија е на вистинскиот пат.“ – укажува директорот на Словачката асоцијација за надворешна политика од Братислава Томаш Стражај.

Според него, можеби треба да се види и дали македонските власти го одбрале вистинскиот пристап во решавањето на ова прашање. Тој смета дека можеби властите во Скопје треба да ѝ пристапат со јасно барање на Бугарија со цел да се реши оваа ситуација еднаш засекогаш. Тој вели дека е вистински проблем што идното членство на која било земја-кандидат треба да биде одобрено од сите ЕУ членки, во смисла дека ако има и една единствена земја која се противи на влезот на одредена држава, може да го успори процесот, или дури и да го запре на некое време.

Стражај оценува дека членството во ЕУ е можеби единствената можност за државите од Западниот Балкан. „Точно е дека ЕУ направи одредени грешки во минатото, на пример имаше периоди кога проширувањето не се сметаше како приоритет, или не беше меѓу главните приоритети. Сега ситуацијата е сменета и треба да учиме од нашите грешки, но да не бидеме толку критични кон ЕУ, бидејќи сметам дека евроинтеграцијата постојано продолжува. Пристапувањето сега го загрозуваат билатерални прашања, кои се вклучени во проширувањето. Поради начинот на гласање во ЕУ ова е навистина голем проблем за некои држави, вклучувајќи ја и вашата, и може да продолжи да биде проблем за проширувањето на ЕУ, ако начинот на донесување одлуки не се промени во иднина.“ – предупредува Стражај.

Тој додава дека од друга страна, кога се споменуваат најподготвените земји, како на пример Црна Гора, или Албанија, тие пак доаѓаат од регионот на Западен Балкан. „Со цел да се намалат овие стравувања, некои од земјите-членки се придружија на Групата пријатели на Западен Балкан, тоа е неформална група во ЕУ, во која Словачка е дел, а која беше формирана на предлог на Австрија, со цел да не се заборават земјите од овој регион и особено кандидатките, кои со децении преговараат, или се стремат да пристапат кон ЕУ. Пристапот врз  заслуги ќе преовладува, никој не прави разлика меѓу кандидатките од истокот и од Западниот Балкан.“ – уверува Стражај.

Тој потсетува дека приоритет на Владата на Словачка е проширувањето. Истакнува дека неодамнешната официјална посета на словачкиот претседател Петер Пелегрини во Македонија е сигнал дека таа е сметана како многу добро подготвена земја-кандидат за идно членство во ЕУ и Словачка ќе ја поддржи заедно со останатите кандидатки.

Македонска информативна агенција – МИА.

Најнови вести од: Македонија

Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ е дел од Самитот на ЕПП на кој ќе разговараме за глобалните предизвици, а ние ќе ставиме акцент и на проширувањето на ЕУ

Сите оние постигнувања и реформи коишто изминатите месеци како ВМРО-ДПМНЕ, односно како македонска Влада ги направивме, потенцира во изјавата Мицкоски

(Фото): Пролетна генералка на Скопје, јавните претпријатија на терен

Координирана акција за темелно чистење на сите површини под надлежност на Град Скопје започна денеска во утринските часови. Екипите на сите јавни претпријатија се вклучија во пролетната генералка на Скопје. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски истакна дека ова е јасна порака дека редот, чистотата и грижата за заедничкиот простор стануваат секојдневие.

Морничави детали на судењето за убиството во Штип: Делови од телото и крвавата облека фрлени во контејнери

Во штипскиот Основен суд денеска продолжи судскиот процес против 75 годишниот Денис Асанов, кој е обвинет за убиство на 79-годишната Борјанка Николова. Според обвиниението Асанов се товари за кривично дело „убиство“ извршено при родово базирано насилство на брутален начин. Пред Судот денеска сведочеа роднина на убиената Николова и инспектори од СВР-Штип, кои работеле на случајот.– Во домот на обвинетиот беа пронајдени секира, мотика, тесла, и дрвена рачка, на кои имаше траги од крв. Анализите покажаа дека потекнуваат од женско лице. Во купатилото, ходникот и кујната, откриени се траги на човечко ткиво, а според вештачењето, телото било влечено од дневната соба кон купатилото – рече во својот исказ вработен во СВР-Штип.

Пренџов до Тренчевска: Во уплав сте како лист, што ќе падне, само се чека ветерот да го турне! Новиот обвинител да ги истражи Заев и неговиот клан!

„Не можете никој, од прв до последен, да ја скриете исплашеноста и уплавот, кој што го имате од тоа, што ќе се случува во Република Македонија. Зошто? Бидејќи имате јавен обвинител кој де го фалите, де ќе гласате против него, де можеби ќе биде партиски. Но, Ви се враќаат спомените за сите криминали, кои сте ги правеле во министерствата, во владата, во општините и се однесувате како лист во октомври што знаете дека ќе падне на земјата но се чека ветерот кој ќе го бутне!“ – изјави пратеникот од ВМРО ДПМНЕ Љупчо Пренџов, обраќајќи ѝ се директно на пратеничката Јована Тренчевска, инаку и потпретседателка на СДСМ, на денешната седница на Собранието при изборот на новиот државен обвинител Ненад Савески.

Најнови вести

To top