Македонија

Турската кинематографија во фокусот на Beach Film Festival Ohrid

Учеството на Република Туркије како земја во фокус на деветтото издание на Beach Film Festival Ohrid уште еднаш ја потврди важноста на филмот како мост за културна соработка, меѓународно поврзување и промоција на културното и туристичкото богатство на Туркије.

Република Туркије беше земја во фокус на деветтото издание на Beach Film Festival Ohrid, што се одржа од 22 до 26 јули, со поддршка на турското Министерство за култура и туризам и на Генералната дирекција за кинематографија. Фестивалот беше можност турската кинематографија да се претстави пред меѓународната публика, а воедно да се зајакне културната дипломатија, да се поттикне професионалното вмрежување, но и да се промовира Туркије како атрактивна културна и туристичка дестинација.

Во рамки на фестивалската програма, на бродот „Армада“ на Охридското Езеро се одржа Турска филмска вечер, на која беше прикажан филмот „Еден од оние денови кога Хеме умира“, во режија на Мурат Фиратоглу. По проекцијата, режисерот се сретна со публиката на сесија со прашања и одговори, зборувајќи за својот творечки процес и за темите што ги обработува филмот. Овој дебитантски долгометражен филм ја имаше својата светска премиера на 81. Меѓународен филмски фестивал во Венеција, во програмата Orizzonti, каде што ја освои Специјалната награда на жирито. Подоцна беше прогласен за најдобар филм на Филмскиот фестивал „Златен Бол“ во Адана и беше избран за официјален турски кандидат за 98. доделување на Оскарите во категоријата Најдобар меѓународен игран филм, продолжувајќи успешно да се претставува на меѓународната фестивалска сцена.

Во официјалната селекција на фестивалот беше прикажан и филмот „Како што дишеме“ на режисерот Шејмус Алтун, кој по проекцијата разговараше со фестивалската публика за својот дебитантски долгометражен филм и одговараше на прашања од присутните. Филмот имаше својата меѓународна премиера на Меѓународниот филмски фестивал во Торонто, во програмата Discovery, а беше селектиран и во натпреварувачката програма New Directors на Меѓународниот филмски фестивал во Сан Себастијан. Филмот досега има освоено повеќе меѓународни признанија, меѓу кои Бронзената пирамида на Меѓународниот филмски фестивал во Каиро, Специјалната награда на жирито „Д-р Авни Толунај“ на Филмскиот фестивал „Златен портокал“ во Анталија, како и наградата за Најдобар дебитантски филм на Меѓународниот филмски фестивал во Анкара.

За време на фестивалот, режисерите Мурат Фиратоглу и Шејмус Алтун, заедно со Махир Енес Оздемир, советник за култура и промоција при Амбасадата на Република Туркије во Скопје, како и делегацијата на турското Министерство за култура и туризам, учествуваа на мастер-класи, професионални средби, официјални приеми и други фестивалски активности.

Beach Film Festival Ohrid овозможи значајна платформа за средби со продуценти, режисери, претставници на филмски фестивали и филмски професионалци од Северна Македонија и од други земји. Во фокусот на разговорите беа можностите за продлабочување на меѓународната соработка, развој на идни копродукции и унапредување на културната размена преку филмската уметност.

Покрај промоцијата на турската кинематографија, учеството на Туркије беше и можност за претставување на туристичкиот потенцијал на земјата. Во текот на фестивалот, пред филмските проекции беа прикажувани промотивни видеа изработени од Агенцијата за промоција и развој на туризмот на Туркије (TGA), овозможувајќи ѝ на меѓународната публика да се запознае со богатото културно наследство на Туркије и нејзината разновидна туристичка понуда.

Учеството на Република Туркије како земја во фокус на деветтото издание на Beach Film Festival Ohrid уште еднаш ја потврди важноста на филмот како мост за културна соработка, меѓународно поврзување и промоција на културното и туристичкото богатство на Туркије.

 

Најнови вести од: Македонија

Во клиниката за инфективни болести во Скопје двајца пациенти со западнонилска треска се во критична состојба, за тројца се чекаат резултати

Двајца пациенти на возраст од 76 и 66 години од седумте хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести со западнонилска треска, се во критична состојба и се на механичка вентилација на одделот за интензивно лекување, изјави попладнево директорот на Клиниката, Фадил Цана, кој рече дека дополнително за уште тројца пациенти, кои се примени со дијагноза акутно заболување на мозокот и мозочната обвивка, во текот на денов се чекаат лабораториските резултати од Институтот за јавно здравје.

Митева: На 16 август во Струмица ќе настапат најголемите и највлијателни уметници во електронската музика Пол ван Дајк и Пол Оукенфолд!

Двајца од најголемите и највлијателни уметници во електронската музика Пол ван Дајк и Пол Оукенфолд ќе настапат во Струмица на 16 август во Градскиот парк, како дел од манифестацијата „35 години независност на Македонија“. Оваа манифестација започнува на 2 август – Илинден во Битола, а завршува на 8 септември во Скопје.

За завршување и целосно опремување на новата Клиничка болница во Штип – 109 милиони евра

Завршувањето и целосното опремување на новата Клиничка болница во Штип, инвестиција проценета на околу 109 милиони евра, беше тема на денешната средба меѓу министерот за здравство Сашо Клековски, директорот на Фондот за здравствено осигурување Златко Перински, градоначалникот на Штип Иван Јорданов, раководството на Клиничката болница и претставници на Светската банка.

Меморандум за соработка меѓу „Македонски Шуми” и КПУ „Затвор” – Струмица: Осуденици ќе бидат ангажирани во шумарски активности

Јавното претпријатие „Македонски шуми“ и Казнено-поправната установа „Затвор“ – Струмица потпишаа меморандум за меѓусебна соработка, со кој ќе се зајакне координацијата меѓу двете институции преку ангажман на осудени лица во општокорисна работа. Претходно, од 16 до 22 јули осуденици од КПД „Идризово“, КПД Штип, КПД Прилеп, како и од КПУ Скопје, Куманово, Битола, Гевгелија, Струмица и Струга, учествуваа во седумдневна работна акција за одржување на хигиената на магистралните и регионалните патишта низ Македонија.

Мицкоски до Филипче: Кога бевте министер за здравство ви гореа луѓе во модуларни болници, а во Гостивар пиеја вода, опасна за здравјето, но не презедовте ништо!

Премиерот Христијан Мицкоски денеска, на собраниската седница, посветена на пратенички прашања, во одговор до лидерот на СДСМ Венко Филипче истакна дека во време кога тој бил министер за здравство имало извештаи за бактериолошки неисправна вода во неколку градови во 2019, но тој, како што рече, тогаш не презел ништо. Премиерот нагласи дека Обвинителството треба да се позанимава со овие случаи. 

To top