Македонија

Уништени, или оштетени над 45 од 112 новопоставени столбови за зимска маркација од Попова Шапка до Титов Врв – ги сечеле со брусилка!

Повеќе од 45 од вкупно 112 поставени столбови се уништени, оштетени или отстранети. Причинета е голема финансиска штета, но последиците би можеле да бидат многу посериозни, информираат од Здружение за одржлив развој САТ – Скопје. Зимската маркација била поставувана од ноември 2025 година до крајот на јули 2026 година со учество на повеќе од 25 локални доброволци и мали бизниси од општините Тетово и Боговиње, кои во исклучително тешки планински услови вложиле значителен број работни часови во транспортот, подготовката и поставувањето на опремата. Штетата се проценува на најмалку 8.000 евра.

„Со големо разочарување ја информираме јавноста дека значителен дел од новопоставената опрема за зимска планинарска маркација на патеката Попова Шапка – Титов Врв, долга приближно 11 километри, е уништен, оштетен или отстранет. Зимската маркација беше дел од проектот „Славков – Маркација на планинарски патеки во С.Македонија“. Но, ова не е само материјална штета. Зад уништената опрема стои нешто многу поважно – трудот на луѓето кои работеа за Шар Планина да биде побезбедна и подобро подготвена за планинарите и локалните заедници“, вели Александар Богоевски, од Здружение за одржлив развој САТ – Скопје

Во услови на снег, магла, силен ветер и намалена видливост, летната маркација честопати е покриена или воопшто не е видлива. Тогаш зимските столбови претставуваат клучни точки за ориентација и следење на безбедната рута. Кога маркацијата исчезнува, не исчезнува само еден столб. Исчезнува точката што може да му покаже на човекот каде да продолжи кога планината околу него повеќе не е препознатлива.

„Столбовите на зимската маркација се означени со црвена и жолта боја бидејќи овие бои обезбедуваат најсилен визуелен контраст на зимски терен – практика што се применува во многу европски планински региони и е застапена и во националните правила за планинарски патеки. Уништувањето на планинарската маркација воедно претставува уништување на туристичка инфраструктура неопходна за развојот на планинскиот и активниот туризам. Тоа директно се спротивставува на целта на Националниот парк Шар Планина и локалните општини, прекрасната Шар Планина да ја направат атрактивно, одржливо и безбедно место за посетителите, кое ќе придонесува за локалниот економски развој и ќе биде од корист за селата во околината. Уништувањето дополнително ги доведува во прашање меѓународниот ангажман и поддршка“, велат од Организацијата.

Случајот е пријавен во полициската станица Попова Шапка. На 19.08.2026 година, стручен тим на полицијата, во присуство на претставници на Националниот парк Шар Планина, извршил увид на теренот и ги документирал локациите на кои било утврдено оштетување и отстранување на опремата.

„Очекуваме надлежните институции да ги утврдат сите околности и да постапат согласно со закон, со сериозни последици за оние што го сториле ова кривично дело. Ова е штета за целата планинарска заедница, за Националниот парк Шар Планина, за планинарите, туристите, водичите, спасувачите и за сите што ја користат планината. Затоа, апелираме до сите посетители да ја почитуваат и заштитуваат планинарската инфраструктура и секое оштетување или отстранување на маркацијата да го пријават кај надлежните институции“, вели Богоевски.

Потенцираат дека планинарската маркација не е само столб или знак – во услови на снег, магла и невреме, таа може да ја направи разликата помеѓу безбедното враќање и губењето во планината, што може да заврши со сериозни и несакани последици.

Најнови вести од: Македонија

Мицкоски: Македонија ги брани државните интереси достоинствено и со аргументи

Средбата беше можност за отворен и суштински разговор за стратешкото партнерство со Соединетите Американски Држави, за продлабочување на политичкиот и економскиот дијалог, како и за прашањата од заеднички интерес за двете држави, оцени премиерот

(Фото): Македонскиот рубин да се заштити како дел од природното наследство на земјата

„Македонски рубин“ добива правна заштита, но и се отвора следната фаза – практична примена на заштитата и воспоставување систем кој ќе гарантира дека називот се користи само за производи што ги исполнуваат утврдените услови.

To top