Македонија

(Видео): Чумата ги ништи стадата – угинати 10.000 овци, потврдени 64 жаришта на сипаници

Во државата се потврдени 64 жаришта на сипаници кај овците. Околу 10.000 грла се угинати, а министерот за земјоделство, Борче Серафимовски најави обесштетување.

Во државата се потврдени 64 жаришта на сипаници кај овците, а надлежните институции секојдневно ја следат состојбата и преземаат мерки за спречување на ширењето на болеста. Според последните официјални податоци, 50 се во Источниот регион, седум во Североисточниот, шест во Вардарскиот и едно во Скопскиот регион – информираше министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Борче Серафимовски. На прес-конференцијата во Министерството, тој апелираше до сточарите доследно да ги почитуваат препораките на надлежните институции, навремено да ги пријавуваат сомнителните случаи и да избегнуваат користење заедничка опрема без претходна дезинфекција.

Според Серафимовски, следењето на епидемиолошката состојба покажало дека еден од главните ризици за пренесување на заразата е стрижењето на овците со ножици кои претходно не биле соодветно дезинфицирани. Министерот информира дека институциите веќе преземаат активности за обезбедување вакцини преку Европската комисија, Република Турција и Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО).

  • Обезбедувањето вакцини нема автоматски да значи започнување на вакцинацијата. Одлуката ќе се темели на стручна проценка на епидемиолошката состојба, ризикот и можните ветеринарно-здравствени и економски последици од вакцинацијата – истакна Серафимовски.

Одговарајќи на новинарски прашања, Серафимовски рече дека сточарите чии стада се погодени од појавата на сипаници кај овците ќе бидат обесштетени, а во тек се проценките и подготовките за обезбедување средства за исплата и дека моделот за обештетување е веќе утврден од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Тој нагласи дека Министерството и Агенцијата за храна и ветеринарство се во постојана комуникација и повторно упати апел до сточарите строго да ги почитуваат сите пропишани мерки.

  • Свесни сме дека за многу семејства сточарството е основна дејност и извор на егзистенција, но мора да се почитуваат мерките. Шест месеци не е дозволено на истото одгледувалиште повторно да се внесе нов сточен фонд – нагласи министерот.

Според него, дел од проблемите со ширењето на болеста се резултат и на непочитување на пропишаните превентивни мерки. Во однос на состојбата на терен, Серафимовски информира дека според информациите со кои располага, досега се евидентирани околу 10.000 угинати грла овци. Министерот посочи дека надлежните институции будно ја следат состојбата и во соседните земји, особено поради ризикот од други заразни болести кај добитокот.

  • Имавме работна средба со надлежните институции во Србија за размена на информации и искуства, а внимателно ја следиме состојбата и во Грција. Засега најголем предизвик за нас остануваат сипаниците кај овците и правиме сè за да го амортизираме ударот и да спречиме натамошно ширење на болеста – изјави Серафимовски.

Тој додаде дека бројот на ризични подрачја постојано се менува согласно епидемиолошките анализи што секојдневно ги спроведуваат надлежните служби.

Најнови вести од: Македонија

На инспектори им исекле гуми на возило за да не се дознае кој нелегално користи социјални пензии

Премиерот Христијан Мицкоски рече дека се откриени повеќе од 4.500 корисници на гарантирана минимална помош и социјална сигурност кои ги земале парите без да ги исполнуваат условите, а меѓу нив имало починати лица, иселени граѓани и фиктивни корисници.

Даниловски: Одложувањето на БСЖ- вакцината е мерка на претпазливост

Донесен е заклучок времено да се одложи БСЖ-имунизацијата до добивање целосни информации за сериите, нивниот квалитет и евентуалната поврзаност со појавата на несаканите реакции кои се појавија во Хрватска, вели епидемиологот

To top