Вработените од „Паркови и зеленило“ Скопје и од фирмите ќерки „Флораком“ и „Луна“ денеска повторно протестираа од 10:00 до 12:00 часот на крстосницата пред ова јавно претпријатие.

Протестот е во организација на гранскиот Независен синдикат на државна администарција, каде членува синдикалната организација на Синдикатот на ЈП „Паркови и зеленило“ – Скопје.

„Вработените имаат и прекувремена работа и имаат право и на бонус плата. И тоа не се исплаќа. Ние како грански синдикат им посочивме на начинот и постапките за реализирање во услови на протест и на штрајк. Синдикалната организација има штрајкувачки одбор, која прогласи штрајк и го стави во мирување согласно закон за мирно решавање на работни спорови. Дадовме можност 10 дена да почне мировниот процес, но од другата страна, од градоначалник, директор и претседател на Управен одбор при „Паркови и зеленило“ немаме контакт, немаме линк, изгледа не сакаат да комуницираат со нас и да го решиме проблемот, изјави за МИА Горан Ристески, претседател на гранскиот Независен синдикат на државна администарција, каде членува синдикалната организација на Синдикатот на ЈП „Паркови и зеленило“ – Скопје.

Појасни дека согласно Колективниот договор, вчера поднеле известување до ЈП „Паркови и зеленило“, до директорот и УО и предложиле тројца членови и тројца нивни заменици како членови на мировниот совет. Дадовме рок од пет дена, како што покасни, да се состави со решение мировниот совет и да одлучи за проблемите што се настанати.

„Од понеделник ќе почнеме и други начини на протестирање или штрајк, сепак за тоа ќе одлучи штрајкувачкиот одбор. Ние и понатаму, се додека не се земе плата, ќе протестираме секој ден.

Од утре почнуваме два часа, од 9 до 11 часот, само една сообраќајница со цел Град Скопје и граѓаните да функционираат.

Сепак, граѓаните платиле преку сметките за струја, даноци и слично платиле да функционира градот. И ние сме граѓани и не сакаме да бидеме дополнителен товар на граѓаните на Град Скопје и само една крстосница блокираме и во одредено време. Ние можеме и други, но, сепак оставаме да функционира градот, посочи Ристески.

ЈП „Паркови и зеленило“ е основано од Град Скопје и дава услуга, не прави профит и затоа, како што рече, бараме Град Скопје да пушти плата.