„Македонскиот речник од 16 век“, научната студија на италијанскиот славист Чиро Ѓанели и францускиот славист Андре Вајан за ракописот, изворно запишан со грчки букви, но со чист македонски народен говор од костурскиот крај, од селото Богатско, денес во Грција, говори за македонски јазични корени од пред четири века. Но, д-р Зденка Рибарова, проучувала македонски ракописи стари најмалку 800 години! Четири века уште поназад во времето за разлика и од „Македонскиот лексикон од 16 век“ и македонскиот ракопис од Костурско! Рибарова оди чекор повеќе и научно докажува дека македонските ракописи од 12 и 13 век се неделив дел од кирилометодиевското наследство, оти тие имаат континуитет со дејноста на Охридската книжевна школа и претходно на македонските и сесловенски просветители Кирил и Методиј. Рибарова аргументира дека тоа се пишани ракописи, традиции и корени на македонскиот јазик стари најмалку 12 века!
Студијата на Рибарова „Јазикот на македонските црковнословенски текстови“, објавена во 2005 година од Македонската академија на науки и уметности, дава задлабочен научен преглед, дефиниција и систематизација на македонската редакција на црковнословенскиот јазик од 12 до 14 век. Таа научно докажува дека македонската редакција (варијанта) на црковнословенскиот јазик е структуриран и нормиран, самостоен книжевно- јазичен систем со свои специфични законитости и сопствени правописни, фонолошки, морфолошки и лексички особености, различни од сите тогашни јазици. Еден од најзначајните резултати од нејзината научна дејност е заклучокот дека корените на таа македонска редакција (варијанта) на црковнословенскиот јазик водат кон Охридската книжевна школа.
„Македонската редакција (варијанта) на црковнословенскиот јазик од неговиот постепен почеток во текот на 11 век го достигнува својот целосен развој во 12 век, кога се консолидираат основните норми на македонската црковнословенска писменост. Консолидацијата на овие норми е поврзана и во континуитет со старословенскиот глаголски период со дејноста на Охридската книжевна школа. Јазикот на македонската старословенска писменост ги има своите корени во овие временски периоди, но има и свои засебни белези на правописно, фонолошко, морфосинтаксичко и лексичко ниво.“ – аргументира Рибарова во својот научен труд „За корените на македонската писменост“, објавен во 2017 година.
Македонската редакција на црковнословенскиот јазик од 12 до 14 век означува период од историскиот развој на македонскиот јазик, во кој старословенската црковна норма почнала да се менува под влијание на живиот народен говор на македонското население. Ова е време кога писателите и препишувачите, иако се труделе да го зачуваат канонскиот јазик, несвесно внесувале локални јазични и правописни црти. Охридската книжевна школа, како најстара средновековна македонска книжевна школа, е формирана во 886 година од Свети Климент Охридски по неговото пристигнување во областа Кутмичевица. Во 893 година на Климент му се придружува Свети Наум Охридски, откако Климент е назначен како епископ. Во рамките на школата се обучени повеќе од 3500 ученици и таа одиграла клучна улога во описменувањето, како и во ширењето на македонската и словенска писменост и култура. Со повеќе свои научни трудови, а посебно со студијата „Јазикот на македонските црковнословенски текстови“, Рибарова го потврдува и го докажува фактот дека постои континуитет меѓу овие два важни периода во развојот на македонскиот јазик.
Еден од најстарите македонски средовековни ракописи, кои ги истражувала Рибарова, е Григоровичевиот паримејник, текст на пергамент од крајот на 12 до 13 почетокот на XIII век. Паримејникот содржи 104 пергаментни листа, напишани со кирилско македонско-старословенско писмо, веројатно како препис од уште постар глаголски текст. Паримејник е специјализирана богослужбена книга со четива, која се користи во православните цркви. Овој ракопис, според јазичните особености, е од областа на Јужна Македонија. Тоа се четива за Раѓањето на Христос и Богојавление, потоа четива за времето на Великиот пост, за извршување на црковната служба и други текстови. Зденка Рибарова во соработка со Зое Хауптова и Емилие Блахова подготвила двотомно издание на Григоровичевиот паримејник. Во 1844 година Русинот Виктор Григорович го нашол во манастирот Хиландар ова драгоцено пишано сведоштво за македонската етноидентитетска и јазична самобитност и го однел во Русија. Во 1876 година ракописот станал сопственост на Румјанцевскиот музеј во Москва, а сега се чува во Руската државна библиотека.
Рибарова проучуваше десетици други клучни македонски ракописи како што се Радомировото евангелие, Болоњскиот псалтир, Битолскиот триод… Таа е автор и соавтор на детални монографски и јазични анализи на македонски ракописи, меѓу кои се издвојуваат нејзините темелни истражувања не само на Григоровичевиот паримејник, туку и на Охридските ливчиња, Синајскиот еухологиј. Радомировото евангелие… Сево ова се книжевни споменици на постоењето на македонкиот јазик и неговата писменост и дали сега „научниците“ од Бугарската академија на науки и уметности и сите бугарски политичари ќе тврдат и натаму дека немало македонски јазик ниту негови корени?!
Зденка Рибарова е родена на 13 јуни 1945 година во Прага, денес Чешка. Била чешки филолог, експерт по бохемистика, русистика, и југославистика, Од 1975 година сè до пензионирањето во 2008 година работела како научен советник во Одделението за историја на македонскиот јазик при Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ во Скопје. Од 1986 година била раководител на Одделението и главен истражувач на проектот Речник на црковнословенскиот јазик од македонска редакција, а од почетокот на неговото излегување (2000) била главен уредник на Речникот. Во Масариковиот универзитет во Брно во 1997-1999 била лектор по македонски и српски јазик. Во Филозофскиот факултет на Карловиот универзитет во Прага од 2000-2005 била лектор по македонски јазик и предавала по црковнословенски јазик.
Со нејзината педагошка дејност е поврзан и Прирачникот по македонски јазик со преглед на македонската граматика, издаден во Брно. Научниот интерес на д-р Рибарова се однесува на прво место на македонската редакција на црковнословенскиот јазик и на најстарата историја на македонскиот јазик. Учествувала во повеќе меѓународни проекти, кои придонесуваат кон афирмација на македонистиката и особено на македонската палеославистика) во светот. Д-р Рибарова објавила 170 научни трудови и студии, вклучувајќи и неколку книги и поголеми монографски студии. Била избрана како член на МАНУ надвор од работниот состав во Одделението за лингвистика и литературна наука. Починала во Прага на 14 март 2019 година.