Македонија

Мицковски: Украина и Молдавија немаат опозиција како нашата, која работи за интересите на туѓи влади и интереси и против интересите на својата земја!

Претседателот на Владата на Република Македонија Христијан Мицкоски денес беше прашан како го коментира тоа што денеска Украина и Молдавија го отвораат првиот кластер од преговорите за членство во ЕУ, додека Македонија и натаму чека да го направи ваквиот чекор, за кој главен услов се уставни измени. Мицоски првин се осврна на отворените територијални прашања што ги имаат овие две, кои, како што кажа, за разлика од нас не ги контролираат целосно териториите на своите држави, алудирајќи притоа на војната што Украина ја има со Русија и на предизвиците што Молдавија ги има на тој план. Друга разлика, според него, е тоа што овие две земји, како што кажа, имаат опозиција која не работи против интересите на својата земја и своите граѓани.

„Разликата помеѓу овие две земји и нашата е тоа што ние ја контролираме целата држава и немаме такви проблеми какви што имаат тие и кај нив опозицијата не работи против своите граѓани и против својата влада, не ја кодоши сопствената влада и не работи за интересите на туѓи влади кои имаат поинакви интереси, како што е случајот кај нас“, рече премиерот, кој даваше изјави за медиумите по свеченото отворање на фабриката „Бреинчајлд“ во Битола.

Говорејќи во истиот контекст, премиерот кажа дека и поранешните власти во овие две држави обезбедувале консензус кога станувало збор за стратешки прашања и за надворешни предизвици. „Тоа не го направи претходната влада (во Македонија), која беше во една, би рекол, прилично очајна состојба тогаш и беше подготвена да коленичи и да прифати бел лист хартија за да остане на власт. Граѓаните тоа го препознаа, ги казнија и ги испратија во опозиција, на следните избори ќе ги испратат и на политичките маргини, а за нив брзо ќе избледи политичката меморија и никогаш повеќе нема да ни се повторат“, изјави Мицкоски.

Премиерот, во тој контекст, посочи дека актуелната влада ќе продолжи да работи, да ја гради економијата и да остварува реформи согласно со Планот за раст на Европската унија.

„Ќе продолжиме да ја градиме македонската економија. Резултати преку ноќ нема. Ние никогаш не сме ветувале чуда и не сме чудотворци. Секој што ветува чуда не ја говори вистината. Ние само ветуваме дека напорно ќе работиме, и работиме. Ќе го добиеме заслуженото. Македонија забрзува и Македонија ќе победи, како што многупати победувала во минатото.“, рече премиерот.


Најнови вести од: Македонија

Дезинформациите ја загрозуваат иднината на македонското рударство

Геологот Ѓорѓи Димов, кој е и декан на Факултетот за природни и технички науки во Штип, изјави дека рударството и геологијата имаат огромно значење за економскиот развој на нашата држава, но и за нејзината иднина.

Андоновска: Во ИЈЗ се почитува Законот за јазици! – ДУИ не може да прифати дека нема повеќе „како до сега”!

Директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска, реагира на обвинувањата од ДУИ дека во институцијата не се почитува Законот за употреба на јазиците.

(Фото): Центар трча: Успешно заврши првата ноќна трка низ Дебар Маало

Убава вест за сите со спортски дух. Со музика, навивање и одлична енергија, во саботата се одржа првото издание на CENTAR NIGHT RUN. Дебар Маало и улиците на Центар беа исполнети со тркачи и публика, кои создадоа нова спортска приказна во градот.

To top