Регион

Министерката Божиновска на самит и форум за регионална енергетска безбедност

Министерката утре ќе се обрати на 6. Метрополитен самит, насловен „Во пресрет на 2030 година: поврзаност и раст за Југоисточна Европа“, како и на јубилејниот 10. Форум за енергетика на Југоисточна Европа во чии рамки ќе го потпише меморандумот за соработка за приклучување на Македонија кон Вертикалниот гасен коридор

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска денеска и утре во Солун ќе учествува на самит и форум за регионална енергетска безбедност.

Божиновска утре ќе се обрати на 6. Метрополитен самит, насловен „Во пресрет на 2030 година: поврзаност и раст за Југоисточна Европа“, како и на јубилејниот 10. Форум за енергетика на Југоисточна Европа во чии рамки ќе го потпише меморандумот за соработка за приклучување на Македонија кон Вертикалниот гасен коридор.

Со меморандумот официјално ќе биде означено приклучувањето на Македонија кон Вертикалниот гасен коридор – една од значајните европски иницијативи за диверзификација на снабдувањето со природен гас и зајакнување на енергетската стабилност во Југоисточна, Централна и Источна Европа.

Вертикалниот гасен коридор ќе биде една од главните теми на 6. Метрополитен самит кој ќе ги отвори клучните прашања за предизвиците со кои се соочува регионот на ЈИЕ среде глобалните геополитички турбуленции и општествените и технолошки промени во глобален контекст.

Како што е наведено на официјалната интернет страница на Самитот, ЈИЕ и источниот Медитеран имаат сè поголемо значење за безбедноста на Европа поради нивната близина до конфликтните зони, но и за енергетската безбедност на Европа. Се проценува дека поширокиот регион може да одговори на геополитичката фрагментација, така што ќе дејствува како мост за поврзување региони, земји, народи и култури.

Геополитичките промени, регионалната економска соработка, развојот на инфраструктурата и зелената енергетска транзиција во Југоисточна Европа, ќе бидат само некои од темите на Самитот.

Во фокусот, пак, на 10. Форум за енергетика на Југоисточна Европа ќе бидат енергетската сигурност, обновливите извори и регионалната соработка во ЈИЕ. Најавено е учество на министри, претставници на најголемите енергетски компании и на меѓународни институции, експерти, регулатори и инвеститори. МИА

Најнови вести од: Регион

„Н.М.“: Европејците сè повеќе се сомневаат во иднината на ЕУ, немаат доверба во европскиот проект!

Анкета спроведена во шест европски држави и членки на ЕУ истакнува криза на довербата во европскиот блок и пад на таа доверба кај мнозинството од испитаниците. Дури 74 отсто од европските граѓани веруваат дека Европа се мачи, за да се справи со предизвиците со кои се соочува, при што нејзината бавност и бирократија честопати се сметаат виновни за таквата состојба. За 56 отсто од испитаните граѓани, иднината на ЕУ е „во опасност“. Ова се констатира во анализата со наслов „ Европејците сè повеќе се сомневаат во иднината на ЕУ“, која е објавена во весникот „Нова Македонија“.

Ново проширување на ЕУ со вградена „рачна сопирачка“: новите членки на ЕУ привремено без право на вето!

Новите членки на Европската Унија по приемот треба да се откажат од правото на вето на одлуките што во Унијата се носат со консензус, а постои и можност да им бидат ускратени финансиски средства доколку назадуваат во областа на владеењето на правото или ги загрозуваат интересите на Унијата, пишува берлинскиот портал „Table.media“, повикувајќи се на предлогот за реформа на процесот на проширување на ЕУ во кој имал увид.

Спектакуларно бегство на опасен затвореник во Грција: соучесниците, маскирани како полициски специјалци, ги разоружале чуварите

Во северна Грција е во тек голема полициска потрага по 41-годишен затвореник од албанско потекло, кој изведе спектакуларно бегство. Настанот се случи во петокот навечер (11 септември 2026 година) околу 23:30 часот, јавуваат грчките медиуми. Иако затвореникот издржувал казна во затворот Нигрита кај Серес,  бегството се случило во Општата болница во Серес.

Најнови вести

To top