Шахистите на Алкалоид ги освоија второто место и сребрениот медал на 40. Европски клупски куп во Родос, Грција, во конкуренција на 102 екипи од 31 земја!
Македонскиот првак во седмото и последно коло славеше со 4,5:1,5 над Ришон ле Цион од Израел и турнирот го заврши со 12 бода, колку и третопласираниот Нови Бор од Чешка. Нов европски шампион е Супер чес од Романија со максимални 14, благодарејќи и на победата од 3,5:2,5 над „фармацевтите“ во претпоследниот круг.
Успехот на старо-новиот европски вицешампион го надополнија и поединечните медали – среброто на Веи Ји на втората табла, бронзата на Читамбарам Аравинд на четвртата и златото на Абхимању Пураник на седмата.
За Алкалоид ова е трет сребрен медал на најсилното клупско натпреварување на стариот континент по тие во 2017 година во Анталија и во 2024 година во Врњачка Бања, а во 2016 година во Нови Сад беше и европски шампион.