Спорт

Без голови против Летонија, Македонија се чуваше за Велс

Селекторот Милевски ги зачува адутите за директниот дуел со Велс во вторник во Кардиф за мундијалскиот бараж

По шест победи во исто толку меѓусебни дуели со Летонија, фудбалската репрезентација на Македонија првпат не славеше против многу послабо рангираниот противник, играјќи без голови во контролниот натпревар во Скопје, воедно и увертира за гостувањето кај Велс на крајот од мундијалските квалификации.

Токму поради тој неспоредливо поважен дуел за избраниците на селекторот Благоја Милевски, во кој влогот е второто место во групата и втор бараж за Светско првенство едноподруго преку квалификациите, „црвено-жолтите“ ги чуваа силите за „фудбалската војна“ што ги очекува во вторник од 20:45 часот во Кардиф.

Елмас, Миовски и Трајковски ги одиграа последните 30 минути, а капитенот Барди само првото полувреме, но и во таква ситуација македонските фудбалери имаа и поголем посед на топката (56:44 отсто), и повеќе удари вкупно (13:9), и повеќе шутеви во рамките на голот (7:3), а гостинската мрежа, сепак, не се затресе.

Погледите сега се вртат кон гостувањето на Велшаните кај аутсајдерот Лихтенштајн в сабота од 18 ч., по кое ќе се знае дали на Македонија ќе ѝ врши работа и реми во меѓусебниот дуел, бидејќи има три бода повеќе и подобра гол-разлика за шест гола, но и еден погодок помалку постигнато.

 

 

Најнови вести од: Спорт

Од -7 до победа: Игнас Саргиунас и најлудиот пресврт во историјата(ВИДЕО)

Во квалификацискиот меч за Евробаскет 2027 меѓу Велика Британија и Литванија, одигран во Велика Британија, се случи еден од најдрамтичните пресврти во историјата на европската кошарка. На десет секунди пред крајот, Литванците губеа со 87:80 – наизглед безизлезна ситуација.

Најнови вести

To top