Спорт

Бронзен медал за Релјиќ на Светското првенство за таеквондистки во Кина

Македонската олимпијка ја делеа десетинки и до пласман во финалето во кинески Таијуан, но исчекори кон олимписката норма

Само неколку дена по настапот на Медитеранските игри во Таранто, кадешто беше запрена во четвртфиналето, Милијана Релјиќ освои бронзен медал на Светското отворено првенство во таеквондо за жени во кинескиот нград Таијуан во конкуренција на 43 натпреварувачки во категоријата до 62 килограми.

Во борбата за медал Релјиќ ја победи Чиа Веи Ванг од Тајван со 2:1 во рунди, и тоа со голем пресврт во самиот финиш, кога по водството на противничката од 4-0 две секунди до крајот со тежок удар со левата нога освои 6 поени и се избори за полуфиналето.

Таму, пак, десетинки ја делеа од финалето, во кое сепак се пласира Русинката Софија Мотлок, славејќи со 2:1.

Претходно македонската олимпијка беше подобра од домашната таеквондистка Јијао Санг со 2:0 и од Узбекистанката Мохидил Уктамјонова со 2:1.

Покрај бронзата, Релјиќ освои и дополнителни 14,4 поени, кои ќе ја вивнат меѓу првите 16 во борбата за норма за Олимписките игри 2028 во Лос Анџелес.

Најнови вести од: Спорт

To top