Лука Стоикос, Македонец по татко му Борис, ќе дебитира на 25. Зимски олимписки игри во Милано-Кортина како дел од тимот на Канада во боб четворосед.
Пред само осум месеци 22-годишникот со мајка од италијанско потекло се натпреваруваше во американски фудбал, по што го смени спортот, во кој цврстината и почетната брзина го промовираа во член на тимот што го турка бобот и последен влегува во него.
Прв меѓународен настап во боб му беше натпреварот од Светскиот куп во Лилехамер во ноември, а првиот пласман во топ-10 со канадскиот тим го оствари во декември.
Неговите баба и дедо се долгогодишни донатори на македонската православна црква „Свети Климент Охридски“ во Торонто, а таткото Борис беше и претседател на црковниот одбор.
Токму Борис, заедно со чичко му Џон, ја претставуваа Канада на Игрите на Комонвелтот во 1996 година во фрлање кладиво.
„Моето семејство и македонската заедница ми се голема поддршка во мојата спортска кариера. Иако сум роден во Канада (во Ричмонд Хил – н.з.), моите македонско и италијанско потекло се нешто на кое сум многу горд. Се натпреварувам за Канада, но чувствувам и дека ги претставувам и македонската и италијанската заедница, како и придонесот што го имаат дадено на оваа земја“, изјави Стоикос за весникот на македонската дијаспора „Македонија“.
Натпреварите во боб четворосед почнуваат на 18 февруари од 10 часот.
На тековната зимска олимпијада настапи уште еден спортист со македонско потекло, хокејарката Кристин дела Ровере, која е родена и живее во Канада, а се натпреваруваше за родната земја на нејзниот татко Фаусто, Италија, со која го освои осмото место. Мајка ѝ Елизабета Димовска е познат стоматолог, а баба ѝ Драгица и дедо ѝ Мицко се основачи и долгогодишни уредници на радио програмата „Обединета Македонија“ во Торонто.