Спорт

Македонија вечерва стартува на ЕП 2026: Прв противник – светскиот шампион Данска

Ждрепката ни го подари најтешкиот можен старт – против најсилната екипа во светот во последните 10 години.

Ракометната репрезентација на Македонија денеска со почеток во 20:30 часот го започнува настапот на Европското првенство, кое оваа година се одржува во Скандинавија (Данска, Норвешка и Шведска). Првиот противник на нашите е домаќинот и апсолутниот фаворит за златниот медал – селекцијата на Данска.

За Македонија ова е деветто учество на континенталните ракометни собири и осмо по ред почнувајќи од 2012 година. Групната фаза ја играме во Хернинг, Данска, каде покрај домаќинот во групата се уште и Португалија и Романија.

Ждрепката ни го подари најтешкиот можен старт – против најсилната екипа во светот во последните 10 години. Данска е актуелен светски и европски шампион и апсолутен фаворит во вечерашниот дуел.

Селекторот Кирил Лазаров пред натпреварот изјави:

„Го играме првиот натпревар против најдобрата екипа во светот во последните 10 години, Данска и возбудени сме што ќе играме против нив. Тие се домаќини, тоа ќе биде многу тешко за нас, но немаме што да изгубиме на овој натпревар и ќе се обидеме да уживаме во мечот.“

Македонија својата шанса за бодови логично ја бара во дуелите против Португалија и Романија, додека вечерва целта е да се одигра што е можно подобро, да се покажат мускули и да се остави добар впечаток против светскиот шампион.

Во втората фаза продолжуваат првопласираните две селекции од секоја група.

Распоред на Македонија во групната фаза (време по локално/македонско):

  • петок, 16.01.2026 – Македонија – Данска, 20:30 (Хернинг)
  • недела, 18.01.2026 – Македонија – Португалија, 18:00 (Хернинг)
  • вторник, 20.01.2026 – Македонија – Романија, 18:00 (Хернинг)

Вечерва ќе биде тежок тест за нашите момци, но и одлична можност да се покажат на голема сцена против најдобрите. Данска е домаќин, има огромна поддршка од трибините и е во одлична форма – но токму затоа нема притисок врз Македонија.

Најнови вести од: Спорт

To top