Ракометарите на Охрид му го нанесоа вториот првенствен пораз на бранителот на титулата Еурофарм Пелистер, совладувајќи го со 29:25 во дербито на 17. коло од македонската Суперлига.
Само четири дена по победата на пелистерци над лидерот Вардар во Битола стигна отрезнувањето во салата „Билјанини извори“, по кое составот на привремениот тренер Звонко Шундовски заостанува четири бода зад двократниот европски шампион, а третопласираните охриѓани им се доближија само на еден бод на битолчани.
Учесникот во Лигата на шампионите беше целосно надигран во Охрид, кој во еден момент имаше и максимална предност од 27:18!
Стефан Петриќ со седум гола беше најефикасен во победничката екипа, а за поразената Дејан Манасков забележа осум погодоци.
Домашниот голман Кристијан Пилиповиќ даде значителен придонес за изненадувањето на полусезоната со своите 12 успешни интервенции.