Давајќи отчет за првата година на чело на Фудбалската федерација на Македонија, претседателот Масар Омерагиќ го спореди сегашното домаќинско трошење, како што го опиша, со расипничкото на претходниците.
„Во период од само еден месец, од ноември до декември 2024 година, еден месец пред да ја преземеме функцијата, потрошени се околу 5 милиони евра од средствата наменети за развој на фудбалот. Ние затекнавме таква состојба и не побаравме алиби. Почнавме да воведуваме ред. Само трошоците за хотели, чартер-летови и авионски карти ги намаливме за повеќе од еден милион евра. Секој денар гледаме каде оди. Затоа што овие средства не се ничии приватни, тие се на фудбалот. Ова што го правиме не е козметика. Ова е пресек. Од систем без контрола, кон систем со правила. Од фикција, кон реалност“, рече Омерагиќ на денешното Редовно генерално собрание на ФФМ.
Уште една аномалија на која се осврна првиот човек на македонскиот фудбал е лажната слика за бројот на активни фудбалери.
„До последната пререгистрација биле регистрирани 44.996 фудбалери во машка конкуренција. По пререгистрацијата бројот на машки фудбалери е 14.210, а во следниот период ќе се утврди точната бројка и во женска конкуренција. Тоа не е мала грешка. Тоа е системска манипулација. Со новиот Статут, тоа завршува. Нема повеќе клубови што постојат само на хартија. Нема повеќе лажни записници. Нема повеќе фиктивен систем“, објасни Омерагиќ.
„Ќе продолжиме со реформи, со ред и со јасни правила. За фудбал што е чесен, регуларен и достоен за сите што го сакаат. Паралелно со овие реформи, ја започнавме подготовката на новата четиригодишна стратегија за развој на фудбалот. Нашата визија е стабилен, конкурентен и модерен фудбал, заснован на реални основи и јасни правила. Фудбал што создава играчи, гради клубови и враќа доверба кај навивачите. Систем што не зависи од поединци, туку функционира самостојно, одржливо и во интерес на спортот. Целта е да ја зголемиме базата почнувајќи од најмала возраст, од грасрут активности до професионалниот фудбал“, порача претседателот на ФФМ.