Ален Рустемовски, кој денеска се закити со бронзен медал во категоријата до 60 килограми на Европското боксерско првенство во Софија, се обрати на социјалните мрежи по големиот успех за македонскиот спорт.
„Пред сè, сакам од срце да им се заблагодарам на сите мои блиски луѓе кои беа тука за мене, ме поддржуваа и веруваа во мене и кога не беше лесно. ❤️
Го завршив мојот настап на ова Европско првенство со бронзен медал, остварив три победи во три исклучително тешки мечеви против некои од најдобрите боксери. Во последните два меча пред полуфиналето ги победив и двајцата фаворити, а во полуфиналето загубив со 4:1 од боксерот од Украина.
Со тоа морав да се задоволам со бронза, но за мене овој медал вреди многу повеќе од бронза. Целиот мој живот се борев за овој момент. Освојување сениорски европски медал ми беше еден од моите најголеми соништа, заедно со сонот еден ден да освојам медал и на Светско првенство и на Олимпијада.
Зад овој медал стојат многу години на труд, жртви и препреки. Голем дел од мојата кариера го поминав сам. Тренирав два пати денво, одев на кампови и подготовки без тренер, ми се случило и на турнири и натпревари да одам сам, без тренер. И покрај ограничената финансиска поддршка и сите препреки кои ги имав, никогаш не се откажав.
Желбата за успех ми беше преголема. Знаев дека еден ден ќе успеам. Јас денес можам да кажам дека ова е само почеток. Знам дека допрва ме чекаат уште поголеми работи. Мојот сон останува ист – Олимпијада, олимписки медал и еден ден да освојам сè што може да се освои. 🥊
Посебно сум горд што по 20 години успеав да освојам европски медал во бокс за Македонија. 🇲🇰❤️ Овој медал не е само мој. Тој е на сите кои веруваа во мене, ме поддржуваа и беа дел од мојот пат.
Ви благодарам на сите за преубавите честитки, пораки и поддршка. Ви благодарам што бевте со мене во секој момент.
Се гледаме на некое следно големо напреварување. Ова е само почеток. 🇲🇰🥊❤️“, порача на Фејсбук бронзениот медалист од ЕП во Софија.
Ова е трет медал за независна Македонија на европските сениорски првенства по двете бронзи на Вели Мумин во Пловдив 2006 и во Ливерпул 2008.
Македонската боксерска легенда Аце Русевски, пак, стана европски шампион во Хале 1977 во дресот на поранешна Југославија.