Спорт

Вардар победник во тензичното дерби со Еурофарм Пелистер

„Црвено-црните“ ја прекинаа низата од четири порази од битолчани, славејќи во „Јане Сандански“ со 31:28 во Суперлигата

Ракометарите на Вардар ѝ ставија крај на серијата од четири порази од Еурофарм Пелистер во сите конкуренции, добивајќи го суперлигашкото дерби полно со тензии на теренот и на трибините во „Јане Сандански“ со 31:28.

Двократниот европски првак имаше предност во најголемиот дел од средбата, најмногу со три гола разлика, на полувреме водеше со 16:14, но пелистерци се закануваа до самиот крај, во вториот дел и израмнија на 18:18, пред Филип Талески во завршницата со неколку влезови завршени со погодоци да го реши победникот.

Николас Боно, Жуниор Тузолана и Јака Малус беа најефикасни кај победникот со по 6 гола, три помалку од Дејан Манасков во поразениот тим.

Ракометната пресметка на вечните ривали двапати беше во прекин, прво по остриот старт на Вуко Борозан врз Филип Кузмановски, кој по прегледувањето на снимката беше санкциониран со директен црвен картон за Црногорецот, а потоа и поради искрите меѓу двете навивачки групи. „Чкембарите“ фрлија факел на теренот, „комитите“ се обидоа да влезат на теренот и да дојдат до нив за физички да се пресметаат, но беа спречени, па десет минути траеше смирувањето на страстите за мечот да продолжи.

Петтата победа во исто толку првенствени средби сезонава ги зацврсти „црвено-црните“ на врвот на табелата со 10 бода, два повеќе од Алкалоид и од Бутел, а шампионот е четврти со 7.

 

 

Најнови вести од: Спорт

Инциденти на мечот Шкендија – Пелистер: Фрлен скалпел кон судиите, четвртиот судија погоден со паричка и запалка

Фудбалската федерација на Македонија соопшти дека согласно официјалниот судиски извештај од натпреварот од 20. коло во Првата македонска фудбалска лига меѓу Шкендија и Пелистер, биле евидентирани повеќе сериозни безбедносни инциденти. Во 57. минута, при прекин на играта поради измена на играчи, од трибините биле фрлани предмети кон техничкиот простор. Четвртиот судија бил погоден со паричка […]

To top