Свет

Турција забрани пристанување на крузер со ЛГБТК+ патници, повикувајќи се на морални вредности

Властите: Однесувањето не е во согласност со нашите вредности

Турските власти му забранија на крузер наменет за американски ЛГБТК+ патници да пристане во турските пристаништа, повикувајќи се на „моралните стандарди“ и „семејните вредности“.

Крузерот „Од Атина до Венеција“, организиран од компанијата „Атлантис евентс“, требаше да пристане во Кушадаси на 7 јули, а потоа и во Истанбул. Меѓутоа, турските власти го откажаа „настанот“, наведувајќи дека бродот е изнајмен за група „позната по однесување што не е во согласност со општественото ткиво и моралните вредности на нашата земја“.

Бродот „Скарлет Лејди“ е во сопственост на компанијата „Вирџин војаџис“ на британскиот милијардер Ричард Бренсон. Од „Атлантис евентс“ соопштија дека наместо во Турција, крузерот ќе пристане во Каиро (Египет) и на грчкиот остров Крит.

Претседателот и извршен директор на „Атлантис евентс“, Рич Кембел, изјави дека одлуката е „прилично шокантна“.

„Образложението едноставно е дека станува збор за геј група. Многу ме загрижува кога некоја држава одлучува на кои туристи ќе им дозволи влез“, рече Кембел.

Тој додаде дека ова е првпат во 36-годишното постоење на компанијата некоја држава експлицитно да им забрани пристап поради „кои се“.

Според податоците, од вкупно 1.900 патници, околу 1.100 се од САД, а останатите од Велика Британија, Канада, Австралија и други земји. Патувањето е опишано како „епска авантура“ по медитеранските острови.

Во последните години, владејачката партија на Реџеп Таип Ердоган (АКП) зазема сè построг став кон ЛГБТК+ заедницата. Од 2015 година во Турција се забранети парадите на гордоста во Истанбул.

Најнови вести од: Свет

Нафтата повторно поминува низ Ормуската теснина, сообраќајот се врати на 70% од предвоеното ниво

Сообраќајот на нафта низ Ормускиот теснец значително се опорави и моментално е помеѓу 65 и 70 проценти од нивото пред почетокот на војната со Иран, според аналитичката фирма „Вортекса“.

Унгарскиот парламент му го укина имунитетот на премиерот Петер Маѓар

Истрага за телефон фрлен во Дунав, сомневања за корупција и политички обвинувања – унгарскиот парламент отвори пат за продолжување на три одделни случаи, но конечниот збор за евентуалната одговорност допрва треба да го дадат надлежните институции

To top