Западните општества не се подготвени за продолжен конфликт од обемот и интензитетот на војната во Украина, оценува норвешкиот бригаден генерал Атле Молде, кој ја предводи работната група Легио предводена од Норвешка, одговорна за обука на украински воен персонал.
„Ние не сме подготвени. Ниедна западна земја не е подготвена“, го цитира Молде специјализираното списание „Милитари воч“.
Според генералот, еден од најважните заклучоци од војната е потребата да се избегне продолжен конфликт на исцрпување.
Неговото предупредување доаѓа во услови на растечка загриженост меѓу воените експерти во западните земји дека нивните армии не се подготвени за борбени операции од таков интензитет. Со години, нивната обука се фокусираше првенствено на операции против герилски групи и бунтовници во Ирак и во Авганистан, наместо на целосна војна со рамноправен противник.
Војниците кои се бореле во Украина посочуваат уште една значајна разлика. Во конфликт меѓу рамноправни армии, фронтовската линија не нуди безбедно засолниште. За разлика од операциите во Авганистан и во Ирак, кадешто војниците можеа да се чувствуваат релативно безбедно дури и недалеку од фронтовската линија, во Украина опасноста може да стигне практично насекаде.
Искуството од Украина покажува колку огромни ресурси може да потроши модерна војна со висок интензитет. Огромни количини муниција, беспилотни летала, резервни делови и човечки ресурси се трошат со години.
Затоа, според Молде, подготовката за таков конфликт не може да се ограничи само на армијата. Потребно е целото општество да има способност да одржува воени операции долго време, вклучително и кога почетните залихи на оружје и опрема ќе почнат да се исцрпуваат.
Ова значи поголема подготвеност и од владите, и од одбранбената индустрија, и од цивилната инфраструктура.
Предизвикот е уште посериозен за помалите европски земји. Норвешка, на пример, има население од околу пет милиони. Во конфликт на исцрпување како оној во Украина, човечките загуби би претставувале огромен дел од достапните воени ресурси на земјата.
Норвешкиот воен офицер вклучен во обуката на украинските сили предупредува дека земјата не може долго да издржи војна водена на таков начин.
Затоа, Норвешка мора да ја прилагоди својата одбранбена стратегија не само на своите воени капацитети, туку и на својата географија и ограничено население. Од особена важност се нејзините територии во Арктикот и во Северниот Атлантик – области кои се стратешки важни за способноста на НАТО да ги следи и контролира приодите помеѓу Арктикот и Европа.