Тема: „Безбеден град

Скандал: Лога го навреди претседателот на Уставниот суд Костадиновски дека е „имбецил“ и оти има „умерена интелектуална попреченост“!

„Имбецил! *Историски гледано, технички термин за умерена интелектуална попреченост!“ – напиша Кренар Лога од ДУИ, поранешниот министер за правда, во својата скандалозна објава на фејсбук за претседателот на Уставниот суд д-р Дарко Костадиновски, објавувајќи ја и неговата фотографија во судиската тога. Тешките навреди на Лога кон Костадиновски се и дел од остриот напад на неговата партија ДУИ, која вчера се огласи со соопштение и тврдење во него дека е „дискриминација и кршење на духот на Уставот ставот, според кој смс-пораките од системот ‘Безбеден град’ треба да се испраќаат само на македонски јазик, додека може да се испраќаат и на англиски, но не и на албански јазик.“. Ова е ставот на првиот човек на Уставниот суд Костадиновски. „Со оваа постапка претседателот на Уставниот суд ги надминува своите надлежности и брутално интервенира во правниот поредок и во меѓуетничките односи во државата.“ – тврдеше ДУИ, а напоредно со неа и Лога се огласи со својата екстремно тешка и навредлива квалификација за Костадиновски дека е „имбецил“.

Уставниот суд ги отфрли иницијативите, со кои се оспоруваше уставноста на „Безбедниот град“

Уставниот суд ги отфрли иницијативите да се оспори системот „Безбеден град“, односно дел од одредбите на Законот за прекршоци. Иницијативи со кои се бараше да се оспори „Безбеден град“ поднесоа двата дела на Алијансата за Албанците, предводени од Зијадин Села и од Арбен Таравари, како и студентот Или Пачуку, поради неупотребата на албанскиот јазик во пораките за прекршоци. Забелешката е и за, како што се тврдеше, „спроведувањето на системот само во Скопје, Тетово и во Куманово“, потоа и за обврската за поседување мобилен телефон и интернет-адреса заради доставување на пораките, но и за наводна „селективна примена на Законот и за дискриминација на Албанците“. Со иницијативите се бараше Уставниот суд да ги поништи „спорните“ одредби.

Минатата седмица „Безбеден град“ снимил 4490 прекршоци, од кои за брзо возење биле 4297

Од 9.2.2026 до 15.2.2026 системот „Безбеден град“ на подрачјата на градовите и коридорите каде се поставени камери, регистрирал вкупно 4.490 прекршоци, што е за 10% помалку во споредба со првата седмица во февруари кога биле регистрирани 4.991 прекршок, соопшти Министерството за внатрешни работи.

To top