Гане Тодоровски, столбот на македонската самосвест: Да не ја раздадеме одново Македонија! Македонците со впечатлива издржливост чекорат кон надежта!
„Летописот на македонската опстојба низ вековите прилега на неверојатна приказна: речиси, нема многу вакви или слични примери во историјата, за олку жилавост и истрајба пред непогодите на времињата! Иако благонаклонетоста на судбата најчесто ги разминувала, Македонците во својата Виа Долороса (Патот на солзите и маките) врашки упорито чекореле кон хоризонтите на надежта. Македонците успеале конечно да се доближат до големата цел да се опстои низ премрежјата на долгата и исцрпувачка борба, проследена од востанија и од порази, од пркоси и поревања. Суровата школа на егзистенцијата ги научила Македонците на впечатлива издржливост. Македонија е вековита и непореклива.“ – вака беседеше Гане Тодоровски, еден од великаните на македонската литература и јазик во 20-тиот и 21-виот век и еден од столбовите на македонската национална самосвест, во своето дело „Македонија културно наследство“– „Македонија – вековита и непореклива“ во 1995 година. Денешниов 11 мај, денот кога тој се роди во 1929 година во Скопје, е соодветна пригода за ново вдахновување со поуките, пораките и завештанијата негови кон народот македонски, кому тој му го посвети сиот свој живот и сето свое пребогато творештво.