Српската песна „Ој, Косово, Косово“ изведена на концертот со кој се отвори Форумот за проширување на Европската Унија во Брисел ја крена на нозе косовската јавност, а од официјална Приштина бараат објаснување за „скандалот“.
Амбасадорот на Косово во Белгија, Агрон Бајрами, остро реагираше на изведбата.
„Ова не е културна размена. Песната изнесува јасни политички претензии кон територијата на Република Косово“, напиша тој.
Бајрами побара од Европската комисија и од Марта Кос да објаснат како е избран и одобрен репертоарот. Тој рече дека вклучувањето на песната во официјален настан посветен на проширувањето, единството и добрососедските односи е неприфатливо.
Главниот преговарач на Косово со Европската Унија, Јетон Зулфај, исто така го опиша настапот како „скандалозен и неприфатлив“, објави „Косово онлајн“. Според публикациите, претставници од Приштина, исто така, прашале зошто Косово не било претставено на форумот.
Европратеникот Рихо Терас, известувач на Европскиот парламент за Косово, рече дека настапот можел да биде „намерна провокација или резултат на целосно незнаење“. „Европската комисија и Марта Кос му должат објаснување на Косово“, напиша Терас.
Настанот беше организиран од Европската комисија, а домаќин беше комесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос. Форумот „Поширока Европа – Посилна Европа“ се одржува на 15 и 16 ноември.
Во музичката програма учествуваа словенечкиот бенд „Капобанда“ и Младинскиот оркестар од Западен Балкан. Во оркестарот учествуваат музичари од Србија, Албанија, Северна Македонија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово. Европската комисија го наведе концертот како дел од вечерта на отворањето на форумот.
Песната „Ој Косово, Косово“ често се изведува како дел од српскиот патриотски репертоар. Според српското издание „Директно“, таа е создадена во 1989 година од композиторот и пејач Љубомир Манасиевиќ и е поврзана со историскиот и националниот наратив на Србија за Косово.