Со новиот електронски систем надлежните органи ќе можат со еден клик да проверат дали возилото има важечка регистрација и осигурување, дали е технички исправно и колку загадува. Ова е дел од измените на Законот за возила што ги предложи Владата, а кои веќе се пред пратениците.
Сите возила ќе добијат налепници со идентичен изглед, без јавно видливи податоци за сопственикот. Еколошката категоризација останува поделена на зелена, жолта и црвена, според стандардот и измерените издувни гасови.
За отстранување, оштетување, преправање или префрлање на налепницата на друго возило е предвидена казна од 500 евра.
Зелената категорија ќе ги опфати возилата со „Еуро 5“ и повисок стандард, електричните и хибридните, како и одредени „Еуро 3“ и „Еуро 4“ модели со плин или опрема за намалување на емисиите. Жолтата е наменета за „Еуро 3“ и „Еуро 4“, а црвената за „Еуро 2“ и пониски стандарди.
Категоризацијата ќе ја вршат овластени технички служби, а трошокот ќе го сноси сопственикот. Нова обврска е пријавување на промена на телефон или е-адреса најдоцна во рок од три дена – во спротивно следува глоба од 100 евра.
Регистарот на возила ќе биде проширен со податоци за километри, издувни гасови, осигурување и промени на сопственост. Нотарите ќе мора да ја евидентираат промената истиот ден.
Станиците за технички преглед ќе бидат под построг надзор – при неправилности може да добијат забрана од 30 дена, а потоа и одземање на овластувањето. Казните за фирмите може да достигнат до 10.000 евра.
Предвидена е и можност за регулирање на статусот на трактори, приколки и други приклучни возила што досега не можеле да се регистрираат.