Со извици „уаааа“, „оставка“, „нема да не снема“ и со голем транспарент „Мал престап жени убива, брат!“ – жени, девојки, но и мажи околу еден час го блокираа булеварот пред седиштето на Владата, по серијата насилства врз девојки, но и големата бројка на фемициди – вкупно седум за една година. За првпат на ваквите протести излезе мајка на девојка што беше жртва на својот партнер, битолчанката Бети Ангеловска, која обелодени дека нејзината ќерка повеќе од една година била тепана, трпела закани за убиство, била давена и задушувана.

Насилникот ѝ избега на полицијата преку прозорец, за по неколку дена да биде фатен, но му одредиле осум дена притвор. Ангеловска предупреди дека в среда насилникот излегува на слобода, па ги повика институциите да преземат нешто, во спротивно таа самата „ќе преземе мерки“.
- Го молам министерот за внатрешни работи, го молам Јавното обвинителство. Телефоните се земени на вештачење, во нив има снимки, видеа, материјали на кои се гледа дека е претепана. Ме лазат морници при самата помисла на тие слики од моето девојче. Јас ја израснав сама, 21 година, нема да дозволам никој да ми го уништи девојчето – рече Ангеловска.

Пред Владата имаше поставено огромен транспарент „Женски надзор“, на кој речиси сите девојки и учесници напишаа по нешто. Една од највпечатливите пораки беше: „Од нејзината утроба се родивте, нејзината светост ја заборавивте!“ Неформална граѓанска иницијатива „Ниту една повеќе!“ најави протести за следната недела.