По двете претходни понуди од граѓани кои се јавија преку редакцијата на expres.mk, се појави и трет доброволец подготвен да преземе дел од проблематичното стадо крави што со години слободно се движи низ Крива Паланка и околината.
Овојпат станува збор за жител на Куманово со иницијали Р.С. Тој преку expres.mk изјави дека е подготвен да усвои околу 30 крави, доколку надлежните институции тоа го овозможат.
„Здраво, од Куманово сум. Ако можете да ми помогнете со кравите од Паланка – би можел да згрижам околу 30 крави”, наведува кумановецот во пораката до редакцијата.
Понудата доаѓа во период кога проблемот со неконтролираните говеда во кривопаланечко останува нерешен. Според проценките, бројот на слободно движечките крави надминува илјада, а досега се собрани само дел од нив. Жителите со месеци се жалат на штети во дворови, градини и на сообраќајни ризици, додека локалните власти бараат системско решение, вклучувајќи и можност за прогласување кризна состојба.
Претходно, на 19 ноември, жител на Кратово со иницијали Д.П. се понуди да згрижи околу 30 крави. Денеска наутро се јави и лице од Гостивар со иницијали Н.К., кое исто така понуди да преземе дел од добитокот. Понудата на кумановецот Р.С. е трета таква конкретна приватна иницијатива.
Дали ќе биде прифатена ќе зависи од Агенцијата за храна и ветеринарство и општинските власти, кои треба да ги проверат здравствената состојба на животните и условите што ги нудат доброволците.
За 12 часа се јавија двајца можни усвоители на дел од кравите од Крива Паланка
Се јави нов можен старател на фамозните крави од Крива Паланка