Американските технолошки акции паднаа и ова е најлошата недела од епидемијата на Ковид-19 што ја потресе глобалната економија. Причина- стравувањата од забавување на бумот на инвестиции во вештачка интелигенција кои предизвикаа бран на продажба на Волстрит, анализира Фајненшл Тајмс. Насдак 100, кој е многу ориентиран кон технологијата, падна за 5,6 проценти со што загубата за оваа недела достигна 10,4 проценти. Ова е најлошиот пад во повеќе од шест години. Индексот падна за 20 проценти од својот внатредневен максимум на 6 октомври.
С&П 500 падна за 3,7 проценти, со што загубата од октомврискиот врв достигна повеќе од 10 проценти.
Продажбата вчера се забрза при затворањето, а акциите со вештачка интелигенција претрпеа најголеми загуби.
Индексот Vix – познат како „мерач на страв“ на Волстрит – скокна на 40 поени, што е највисоко ниво од април 2025 година.
Овој пад е најновиот знак за тоа како ентузијазмот за вештачката интелигенција брзо се претвори во длабока вознемиреност поради огромната количина на трошење и задолжување од страна на големите технолошки компании за финансирање инвестиции во чипови и центри за податоци.
Антропик скокна за 17 проценти на своето деби на пазарот во четвртокот, откако собра рекордни 120 милијарди долари во својата првична јавна понуда и истовремено приватно пласирање, но падна за 9,1 процент вчера.
„Изгледа како Армагедон таму“, изјави главниот инвестициски директор на американски хеџ фонд за FT, додавајќи дека одлучил да не купува повеќе акции на Антропик, бидејќи распродажбата во петокот се забрза.
Нвидиа исто така падна за 14 проценти, бидејќи скандалот што ја зафати компанијата во срцето на жарот за вештачка интелигенција се продлабочи. Комисијата за хартии од вредност го испитува сметководството на компанијата.
Гигантот за чипови веќе се соочува со конгресни сослушувања, а претседателот Доналд Трамп изјави дека ФБИ ги истражува околностите околу аферата на сменетиот извршен директор Јенсен Хуанг со жена за која се сомнева дека е кинеска шпионка.
Нвидиа одби да коментира. Акциите паднаа за речиси 50 проценти од почетокот на октомври, бришејќи 2,8 трилиони долари од пазарната вредност.
„Јенсен и Нвидиа се олицетворение на изградбата на вештачката интелигенција. Гледањето дека работите не беа толку директни ја потресе довербата на сите“, рече Мајк О’Рурк од Jones Trading.
Индексот на американски акции за чипови во Филаделфија вчера падна за 10,7 проценти, со што својот пад од врвот во јуни достигна 43 проценти.
„Меурот на вештачката интелигенција се дефлираше со месеци“, додаде О’Рурк.
Акциите на „Сандиск“ и „Вестерн Диџитал“ паднаа за 16 и 12 проценти, соодветно. „Бродком“ и „Марвел“ паднаа за 12 проценти, а „Микрон“ изгубија за 14 проценти.
Победата на демократите на среднорочните избори во САД претходно овој месец „апсолутно“ придонесе за најновата распродажба на берзата, смета Џим Карон, главен инвестициски директор за портфолио решенија во „Морган Стенли Инвестмент Менаџмент“.
„Сите трошоци, поврзани со вештачката интелигенција, за кои знаеме дека го генерираа овој раст – дали тоа сега ќе биде ограничено од политиките, разните истраги што очекуваме да почнат да се појавуваат во јануари и да бидат објавени кога новиот Конгрес ќе ги заземе своите места? Пазарот се обидува да го сфати ова“, рече Карон.
Во меѓувреме, трговците на пазарот на фјучерси од државните обврзници ги намалија очекувањата за зголемување на стапките од Федералните резерви, бидејќи пазарот на акции продолжи да паѓа.
Инвеститорите повеќе не предвидуваат целосно зголемување од четвртина поен на состанокот на Федералните резерви во декември, неколку дена откако гувернерот Кристофер Волер шпекулираше дека централната банка би можела да испорача џамбо зголемување од 0,5 процентни поени.
Хеџ-фондовите, пензиските фондови и индивидуалните инвеститори, според стратезите од „Номура“ (Nomura), масовно ги распродаваат акциите, поттикнати од сè поголемите стравувања во врска со повисоките каматни стапки и забавувањето на изградбата на центри за податоци.
„Пазарот на акции беше фокусиран на скандалот со ’Нвидиа‘ (Nvidia), но сега се соочуваме со ситуација во која Федералните резерви (Fed) се подготвени да ги зголемат каматните стапки, додека цените на суровините укажуваат на ризик од рецесија“, изјави Алекс Витен, ко-раководител за акции на американскиот пазар во „Номура“.