Свет

Најстарата нацистка живее во Данска

Не била само обична членка на Нацистичката партија за време на германската окупација на Данска

Најстарата личност во данската историја, 112-годишната Кирстен Швалбе, за време на Втората светска војна извршувала две раководни функции на локално ниво во рамките на Данската нацистичка партија.

Ова го открија дански новинари врз основа на документи од националниот архив, иако Швалбе претходно тврдеше дека ѝ се приклучила на партијата на инсистирање на нејзиниот сопруг и дека не знаела многу за нејзината идеологија.

Минатиот месец, Швалбе стана личноста со најдолг животен век во запишаната историја на Данска, достигнувајќи возраст од 112 години и 218 дена.

Нејзиниот рекорд предизвика голем интерес во јавноста; со години, данските медиуми го следеа нејзиниот живот, претставувајќи ја како ведра и духовита жена која ја задржала својата виталност длабоко во староста.

Сепак, само два дена откако го постави рекордот, се појавија информации дека таа била членка на Нацистичката партија за време на германската окупација на Данска.

Понатамошната истрага откри дека нејзината улога не се сведувала само на обично членство. Таа била локален функционер во Нацистичката партија.

Според документите од Данскиот национален архив, кои ги разгледа истражувачкиот медиум *Frihedsbrevet*, Швалбе ѝ се приклучила на Националсоцијалистичката работничка партија на Данска (DNSAP) во август 1941 година, на 27-годишна возраст.

Од август 1943 до јули 1944 година, таа извршувала две функции во рамките на локалната партиска организација во градот Холстебро. Таа служела како вршител на должноста раководител на локалната партиска група, а истовремено раководела и со женската група на партијата.

И нејзиниот сопруг имал раководна улога; од ноември 1942 до јули 1944 година, тој служел како вршител на должноста раководител на локалниот огранок на партијата. Данскиот историчар Клаус Бундгард Кристенсен од Универзитетот во Роскилде, кој ги разгледал архивските документи, изјави дека нема сомнеж оти Швалбе била истакнат локален нацист.

„Таа беше повеќе од обичен член на партијата, иако, се разбира, не беше дел од највисокото партиско раководство“, изјави Кристенсен за *Frihedsbrevet*.

Сепак, достапните документи не откриваат какви конкретни должности извршувала во тие улоги, ниту пак до кој степен била вклучена во партиските активности.

По првичните откритија за нејзиното членство во Нацистичката партија, Швалбе даде изјава за регионалната телевизија „ТВ Мидтвест“ (TV Midtvest).

Таа потврди дека била член, но тврдеше дека ја донела таа одлука на инсистирање на нејзиниот сопруг.

„Речиси и да не знаев за што станува збор, бидејќи политиката никогаш не ме интересирала“, рече таа.

Таа негираше дека чувствувала симпатии кон нацистите или дека ги поддржувала германските окупаторски сили.Сепак, документите што излегоа на виделина подоцна, откриваат дека таа имала значително поголема улога во партијата отколку што сугерираа нејзините претходни изјави.

ДНСАП (DNSAP) била данска нацистичка партија, основана во 1930 година, создадена по моделот на Хитлеровата Националсоцијалистичка германска работничка партија. Таа ја промовирала нацистичката идеологија во периодот од 1940 до 1945 година, кога Данска била под германска окупација.

 

Најнови вести од: Свет

Јапонската премиерка со вештачки зглоб се соочи со скала од 40 сантиметри кога слета во Кина на самитот на АПЕК

Јапонската премиерка Санaе Такаичи која има проблеми со нозете се соочи со необично ниски скали при слегување од авионот во Кина, според корејски медиуми

To top