
Најпопуларниот клуб на Македонците во Австралија, Престон лајонс, се нуди да го пополни местото во А-лигата на Вестерн јунајтед, кому австралиската фудбалска федерација ФА му ја одзеде лиценцата поради неисполнетите (финансиски) критериуми за настап во елитната конкуренција во земјата.
„Ова место има срце, има историја. Колку од клубовите од А-лигата можат да кажат дека имаат 78 години историја и три генерации дедо, татко, син или ќерка кои доаѓаат на еден натпревар?“, праша претседателот на Престон лајонс, Дејвид Цветковски, пред камерата на телевизијата Еј-Би-Си.
„Ние имаме срце, имаме душа“, нагласи првиот човек на клубот формиран од македонски доселеници во 1947 година како Престон Македонија, кој во 1987 година стана вицешампион на сега непостоечката Национална фудбалска лига (НСЛ), претходник на А-лигата.
„Едно нешто што го знаеме со сигурност е дека имаме навивачи“, додаде Цветковски, посочувајќи го мартовското дерби во Националната Премиерлига на Викторија со клубот на Грците, Саут Мелбурн, кој долго доминираше во првенството на оваа сојузна држава на Австралија.
Во петтото коло оваа година повеќе од 9.000 фанатични навивачи го исполнија стадионот на Престон кога двата тима се судрија во натпревар наречен „Големата претстава“, а кој го добија македонските „лавови“ со 2:0.
„Во близина на еден приградски терен, атмосферата таа вечер беше, едноставно, електрична“, рече Цветковски.
Посетеноста на тој натпревар лесно ги засени три од петте меча од А-лигата тој викенд и се изедначи со преостанатите два, според бројките на публиката објавени од austadiums.com.
Цветковски истакна дека секој нов клуб од А-лигата може да има стадион или финансиска поддршка, но мора да има и пулс.
„За секој клуб само да се појави и да создаде нов идентитет, врска со брендот и таа да се поврзе со страста не е лесно“, рече тој, додавајќи дека нема клуб без свои навивачи и заедница и оти само парите нема да го сторат тоа.
Друг пат до промоција во елитата би можел да се отвори кога во октомври ќе стартува националното натпреварување од втор ранг познато како Австралиски шампионат, чиј дел ќе бидат Престон лајонс и Саут Мелбурн.
Цветковски вели дека Престон не се плаши од играње во А-лигата и оти би можеле да изградат тим во рок од неколку месеци.
„Ако ни кажете дека мораме да играме во А-лигата, нема да имаме проблем да се натпреваруваме во сите аспекти“, изјави тој.
Вестерн јунајтед се жалеше на одлуката на првата инстанца на ФА, за која ќе се решава следниот петок, а во меѓувреме и Саут Мелбурн се понуди да го замени во А-лигата шампионот од пред три години.