По подолго време, напаѓачот Бојан Миовски од шкотски Глазгов Ренџерс не доби повик за настап во фудбалската репрезентација на Македонија, која во завршницата од Б-дивизијата на Лигата на нациите на 13 ноември ѝ гостува токму на Шкотска во Глазгов, а три дена подоцна на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје ќе ја пречека Словенија.
Откако го изостави стрелецот на 9 гола за „црвено-жолтите“, селекторот Гоце Седлоски очекува црната серија од девет натпревари без погодок да ја прекинат Елмин Растодер од Панатинаикос (11 меча за Македонија/0 голови), Азер Омерагиќ од Вардар (5/0), Христијан Малески од Струга (2/0) и дебитантот Марко Ѓорѓиевски од Шкендија.
„Миовски подолго време немаше минутажа во Глазгов Ренџерс, па затоа се одлучив за овие четворица напаѓачи. Тој не е избришан од составот. Кога ќе има поголема минутажа и ќе настапува редовно, повторно ќе добие повик“, изјави Седлоски за стрелецот на последниот гол што го постигна Македонија уште на 18 ноември 2025 година во поразот од 7:1 против Велс во Кардиф.
Меѓу повиканите 26 фудбалери за ноемврискиот „прозорец“ го нема ниту Илија Несторовски, кој има 10 гола за Македонија, а сезонава и на 36 години постигна 7 гола за хрватскиот прволигаш Славен Белупо.
„Несторовски игра во одлична форма и има дадено многу за репрезентацијата на Македонија. Сепак, јас кажав дека имам јасна концепција. Почнав процес на подмладување и ќе продолжам по тој пат“, објасни селекторот со две нерешени и шест порази, со вкупна гол-разлика 0:18, како предводник од клупата на македонскиот национален тим.