Иранскиот пратеник Ахмад Бахшајеш Ардестани денеска изјави дека иранските сили ќе ги нападнат европските воени бази што ги користат Соединетите Држави против Иран, вклучувајќи ги и оние во Италија и Германија.
„Доколку Америка ги искористи своите бази во Европа, вклучително и оние во Италија и Германија, ирански ракети ќе бидат лансирани кон Европа“, изјави за Евроњуз членот на Комитетот за национална безбедност при иранскиот Парламент.
Ардестани посочи дека, во случај на нов конфликт, Техеран нема да дозволи европската помош за САД при напад врз Иран да помине без последици.
На прашањето дали Европа влегува во нова фаза на војна со Иран, Ардестани изјави дека европските земји веќе биле во војна со Иран во претходна фаза, бидејќи дозволиле нивните воени бази да се користат за напади.
Иранската револуционерна гарда денеска – на годишнината од заземањето на Амбасадата на САД во Техеран во 1979 година – објави дека Иран ќе одговори директно и ефикасно, „без географски ограничувања“, на секоја закана, без оглед на нејзиното ниво или природа.