
Минатата недела германската компанија „Рајнметал“ ги претстави плановите за отворање на два нови производствени капацитети во Бугарија – фабрика за барут и засебен погон за артилериски гранати од 155 милиметри, усогласени со НАТО-стандардите. Вкупната вредност на инвестицијата во земјата се проценува на над една милијарда евра.
Поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов, кој лично беше во Германија, изјави: „Фабриката за барут ќе биде голема колку двете постојни германски фабрики заедно и ќе биде најголемата во Европа“.
Со овие вложувања, бугарската воена индустрија постепено се пренасочува од советско вооружување кон НАТО-компатибилна муниција. Овој процес го одразува растечкиот интерес во регионот за западни стандарди.
Претседателот Румен Радев, кој ја посети фабриката на „Рајнметал“ во Германија, истакна дека неговата држава „станува дел од европскиот одбранбен екосистем“.
Неколку дена претходно, Романија потпиша договор со „Рајнметал“ за изградба на фабрика за барут во округот Брашов. Вредноста на проектот е 535 милиони евра.
Романскиот министер за индустрија Раду Мируца изјави дека фабриката би можела да стане „најнапредната фабрика за барут во светот“.
„Фајненшл тајмс“ објави дека вредноста на акциите на европските компании за воено производство е утроена во последната година. Индексот „STOXX Total Market Aerospace & Defense“ бележи раст од околу 46 проценти од почетокот на 2025 година.
Сепак, во последните денови е забележан благ пад на акциите поради сигналите за можен мировен договор.
„Рајнметал“ е еден од водечките европски концерни за производство на одбранбена опрема. Компанијата во 2024 година постигна рекордна оперативна добивка од речиси 1,5 милијарда евра, што е зголемување од 61 проценти во однос на претходната година.
На 27 август, во северна Германија беше отворена нова фабрика за муниција. Извршниот директор Армин Папергер ја најави како најголема во Европа кога ќе работи со полн капацитет.
Фабриката во Унтерлис зафаќа површина од 30.000 квадратни метри, што е еднакво на пет фудбалски игралишта. До 2027 година, таму ќе се произведуваат 350.000 артилериски гранати годишно.
Папергер порача: „Изградбата на оваа фабрика докажува дека Германија може брзо да ги прави работите кога е навистина важно“. Тој додаде: „Нашата земја – како дел од Европа, која сега повеќе од кога било мора да преземе одговорност за својата безбедност – презема одговорност“.
На свеченото отворање присуствуваа генералниот секретар на НАТО Марк Руте, германскиот министер за одбрана Борис Писториус и министерот за финансии Ларс Клингбаил.
Канцеларот Фридрих Мерц најави дека Германија ќе изгради „најсилната конвенционална армија“ во Европа. За таа цел, владата ги промени правилата за задолжување и обезбеди дополнителни милијарди евра за воена опрема.
Минатата година германската влада одобри рекордни 12,8 милијарди евра за извоз на оружје. Најголем дел од оваа сума беше поврзан со поддршката за Украина.
Од вкупниот износ, 8,15 милијарди евра беа одобрени за Киев, што претставува 64 проценти. Според извештаите, 86 проценти од одобренијата се однесуваат на земјите членки на ЕУ и НАТО и нивните партнери, меѓу кои Украина, Сингапур и Јужна Кореја.
Најчесто извезуваните производи биле воени возила на гасеници. Дополнително биле одобрени и договори за бомби, торпеда, ракетни системи и воени бродови, објави „Дифенс пост“.
Вицеканцеларот и министер за финансии Ларс Клингбаил изјави дека Германија, која е најголемиот поддржувач на Украина по САД, ќе инвестира девет милијарди евра во поддршка на Киев до 2026 година.