Свет

На 105 години возраст ќе одговара за злосторства во нацистички логор!

Слична постапка била водена и против друг поранешен чувар од истиот логор, но тој починал пред неколку месеци на 99-годишна возраст

Германските обвинители водат истрага против 105-годишен маж под сомнение дека учествувал во убиства додека служел како чувар во нацистички логор за воени заробеници. Според извештаите на Би-Би-Си, мажот работел во логорот „Сталаг 326 VI K“ во Сене, во северозападна Германија, за време на Втората светска војна.

Се проценува дека мнеѓу 180.000 до 200.000 советски воени заробеници биле „регистрирани“ во логорот, голем број починале, а десетици илјади биле погребани таму. Во Сене биле држени и заробеници од Франција, Полска, Србија и Белгија. За време на војната, повеќе од 5,3 милиони војници на Црвената армија биле во германско заробеништво, а се проценува дека половина од нив починале.

Јавниот обвинител од Дортмунд, Соња Фродерман, потврди дека се водела слична постапка и против друг поранешен чувар од истиот логор, но тој починал пред неколку месеци на 99-годишна возраст.Детали за осомничените не се објавени.

Овие случаи ги илустрираат тешкотиите со кои се соочуваат обвинителите при истражувањето на злосторствата од нацистичката ера, со оглед на тоа што повеќето потенцијални осомничени во меѓувреме починале.

Обвинителката Фродерман објасни дека е во тек истрага против 105-годишниот маж. Тој е обвинет за соучесништво во повеќе убиства додека служел во логорот „Сталаг 326“.

Во Германија не постои застареност за кривичните дела убиство или соучесништво во убиство – правило што важи од 1979 година – што овозможува гонење на злосторствата од нацистичката ера.

Под истрага е и случајот на уште еден стогодишник, кој служел како чувар во логорот „Хемер Сталаг VI A“. Сепак, изведувањето на сторителите пред лицето на правдата повеќе од 80 години по војната е исклучително тешко. Пред четири години, Јозеф Шиц, 101-годишен чувар во концентрациониот логор Заксенхаузен, беше осуден на пет години затвор за соучесништво во убиство.

Тој беше најстариот нацистички злосторник на кој му се судеше.

Никогаш не ја отслужи казната бидејќи почина во 2023 година, додека сè уште траеше жалбената постапка.

Една поранешна секретарка во нацистички логор во 2022 година доби условна затворска казна за соучесништво во убиство.

Таа почина минатата година на 99-годишна возраст.

Најнови вести од: Свет

To top