Бизнис

Да бидеме земја што произведува доволно енергија за сопствени потреби, порача Божиновска

Министерката за енергетика, Сања Божиновска, истакна дека визијата на Министерството е Македонија да биде земја која произведува доволно енергија за сопствени потреби, со поголем дел од капацитетите од обновливи извори, модерна и дигитализирана мрежа и интегрирана во европската енергетска архитектура.

Да се гради институција од почеток е искуство што многу личи на градење куќа. Прво треба да поставите здрави темели – визија, структура и луѓе кои веруваат во таа визија. Потоа ги кревате ѕидовите – процеси и тимови кои ќе функционираат ефикасно и транспарентно. Но најважно е покривот – вредностите што ќе ја заштитат и ќе ѝ дадат препознатлив идентитет, рече денеска министерката за енергетика Сања Божиновска на панелот „Жени во енергетиката“ во рамки на Конференцијата „Јас сум жена“, одговарајќи на прашањето како изгледа процесот на градење на нова институција од почеток и кои вредности ги вградиле во нејзините темели.

  • Идејата за ново Министерство за енергетика произлезе од силната потреба да му дадеме на енергетскиот сектор институција што ќе биде целосно посветена само на оваа стратешка област. Досега енергетиката беше дел од пошироки ресори, но кризите со кои се соочивме, процесот на транзиција кон зелена економија, големите инфраструктурни инвестиции што претстојат и европската агенда за декарбонизација, јасно покажаа дека е потребно фокусирано министерство кое ќе ја координира целата енергетска политика. Создавањето на оваа институција е и порака до сите дека енергетиката е срцето на економскиот развој и иднината на земјата – рече Божиновска.

Таа нагласи дека во темелите на Министерството ги вградиле и професионалноста и компетентноста.

  • Во темелите ги ставивме и транспарентноста и отчетност кон граѓаните, бидејќи секое домаќинство и секој бизнис директно ја чувствуваат енергетската политика. И најважно – ја вградивме визијата за одржлива иднина, што значи секое наше решение да биде усогласено со европските зелени цели и со заштитата на животната средина. Сакам да кажам и тоа дека вложуваме во создавање култура на партнерство – со граѓаните, со стопанството, со меѓународните институции – затоа што само преку соработка можеме да ги спроведеме големите енергетски реформи што ни претстојат – нагласи министерката.

Во однос на најголемите предизвици во спроведувањето на енергетски реформи во земја со комплексна инфраструктура, таа потенцира дека кога зборуваме за енергетски реформи во земја со комплексна и делумно застарена инфраструктура, најголемиот предизвик е како да се обезбеди сигурност на снабдувањето и стабилност на системот, а во исто време да го менуваме во насока на зелената транзиција.

  • Првиот голем предизвик е староста и неефикасноста на дел од постојната инфраструктура. Производните капацитети како и преносната и дистрибутивната мрежа се градени пред децении и не се дизајнирани за интеграција на големи количества обновливи извори. Тоа бара значителни инвестиции и внимателно планирање за да се модернизира системот без да се наруши стабилноста. Вториот предизвик е финансирањето. Енергетските реформи се скапи, особено кога станува збор за изградба на нови капацитети, дигитализација на мрежите и проекти за енергетска ефикасност. Затоа мора да се работи со комбинација од јавни инвестиции, европски фондови и приватен капитал – рече Божиновска.

Според неа, трет предизвик е административната и регулаторната рамка.

  • За да можат реформите да успеат, потребна е транспарентна и предвидлива регулатива што ќе го охрабри приватниот сектор да инвестира. Тоа значи поедноставени процедури, брзи дозволи и јасни правила за пазарот. И на крај, но не помалку важно, е човечкиот фактор. Транзицијата кон нов енергетски модел не е само технолошка, туку и општествена промена. Таа бара обучени кадри, нови знаења и култура на одговорност – и кај институциите и кај граѓаните – истакна таа.

Божиновска потсети дека почнале со зголемување на уделот на обновливите извори – во подготовка се нови фотоволтаични и ветерни капацитети.

  • Со поддршка од меѓународни партнери, веќе работиме на модернизација на електропреносната и дистрибутивната мрежа, како предуслов за интеграција на повеќе зелена енергија. Донесени се и нови закони и стратегии што даваат јасни правила и ја отвораат вратата за поголеми приватни инвестиции. Исто така, се работи на програми за енергетска ефикасност во домаќинствата и јавните институции, што директно ја намалува потрошувачката – рече таа.

Овие конкретни чекори, додаде Божиновска, покажуваат дека реформите не се само визија, туку реалност што веќе се случува.

  • Се разбира, патот пред нас е долг и полн со предизвици, но верувам дека со јасна визија и соработка со сите актери – институции, компании и граѓани – и најкомплексната инфраструктура може да стане основа за една модерна и одржлива енергетска приказна – посочи министерката.

Во однос на „енергетска дипломатија“ во регионален контекст и кои се приоритетите за прекугранична енергетска стабилност, таа рече дека тоа претставува градење мостови меѓу државите преку енергетските ресурси, инфраструктура и заедничките интереси.

  • Регионалниот енергетски систем е тесно поврзан – ниту една земја сама не може да обезбеди стабилност и сигурност, особено во време на енергетска транзиција. Затоа енергетската дипломатија значи да преговараме, да се договараме и да соработуваме така што сите ќе добиеме – сигурни испораки, интегрирани пазари и стабилна инфраструктура – рече таа.

Истакна дека првиот приоритет е прекуграничната енергетска стабилност што тоа подразбира поврзување како на електропреносната, така и на гасоводната мрежа со соседите, за да можеме да извезуваме и увезуваме енергија тогаш кога е потребно, додека втор приоритет е усогласување на пазарните правила и регулативи, со цел инвеститорите да имаат доверба дека регионот е предвидлив и отворен.

  • Нашата визија за енергетска Македонија е јасна – да бидеме земја што произведува доволно енергија за сопствени потреби, притоа поголем дел од неа да биде од обновливи извори и да имаме модерна и дигитализирана мрежа што е дел од европската енергетска архитектура. Односно, Македонија да биде енергетски стабилна за своите граѓани и компании, но и доверлив партнер во регионот. И најважно – земја што ја гледа енергијата како можност за развој, нови работни места и чиста иднина. Енергетската дипломатија во тој контекст е алатката со која ќе ја обезбедиме таа иднина – преку соработка, доверба и заеднички проекти и инвестиции со нашите соседи – рече министерката Божиновска на панелот „Жени во енергетиката“ во рамки на Конференцијата „Јас сум жена“.

Министерката исто така потсети дека Министерството започнало сериозен институционален процес за заштита на македонскиот рубин – геолошки уникат што се наоѓа единствено во Прилеп и Мариово и е единствениот рубин во Европа кој природно се вади и обработува.

  • Македонскиот рубин, единствен по своето потекло и својства, заслужува институционална заштита и признавање како национално богатство. Ова е само почеток на поголем процес на заштита, вреднување и меѓународна промоција на македонското минерално богатство – како дел од националниот идентитет и нашата природна гордост, рече министерката. 

Најнови вести од: Бизнис

Гувернерот Трајко Славески очекува пад на инфлацијата на 2,5%

Оптимистички прогнози на гувернерот на Народната банка, Трајко Славески. Според она што го изјави, Славески очекува економскиот раст во 2026-та да биде речиси 4 проценти. Според него јавните инвестиции во патната и во железничката инфраструктура, како и инфраструктурните проекти на локално ниво, ќе имаат важна улога во поддршката на економскиот раст.

Што е со компаниите кои не исплатиле регрес за годишен одмор, односно К-15?!

Во 2025-та бил исплатен регрес за годишен одмор во вредност од околу девет милијарди 212 милиони денари. Завршил на сметката на над 455 илјади 680 работници. Но сепак дел од вработените на кои им следува не добиле пари. Се обратиле во трудовиот инспекторат, оттаму звелат се постапува по пријавите, работодавачите добиваат опомени, ако не ја завршат обврската им се заканува казна.

Паѓа невработеноста во Македонија – Во кои градови има најмногу невработени?!

Статистиката покажува дека и понатаму најмногу граѓани кои бараат или чекаат работа преку Агенцијата се лицата кои се пријавуваат од 5 до 7 години, и во оваа група има дури 23002 лица кои се пријавуваат за невработени. Следна е групата на граѓани кои пак бараат работ над седум години, односно 8 и повеќе години, и тука има пријавено 12. 938 лица кои се невработени. 

(Видео): Дури 25% од возилата во Европа имаат вградени делови произведени во Македонија

Како членка на Советот на странски инвеститори при Стопанската комора, „Џонсон Мети“ е активно вклучена во иницијативи насочени кон подобрување на извозот, проширување на регионалната соработка и создавање образовен систем усогласен со потребите на бизнисот, како и во промовирањето на политика „нула“ толеранција на корупцијата, креирање мерит систем и јакнење на одговорноста.

Трошоците за живот за еден месец пораснале за 0,4%, на што се должи тоа и ќе има ли затворање на дуќани?!

Властите веќе посочија дека нема да носат краткорочни мерки кои ќе ја зауздаат инфлацијата која е двојно повисоко од речиси половина држави од ЕУ со образложение дека ад-хок мерки не даваат резултати на долг рок.

Инфлацијата за 2025 изнесувала 4,1%, што ќе донесе 2026 година?!

Инфлација од 4,1 отсто на годишно ниво измери статистиката. За една година најголем скок на цените е регистриран кај храната и безалхохолните пијалаци, но значително поскапеле и рестораните и хотелите, како и културата и рекреацијата. Цените на мало, пак, бележат скок од 3,6 отсто во 2025 во споредба со 2024-тата. Поскапело речиси се, на секое поле.

To top