Македонија

Коцевски тргна да ги дисциплинира адвокатите

Обид за замолчување на адвокатите. И тоа може во Македонија

Учеството на адвокат Сузана Јошевска Атанасовска во емисијата „Студио 10“ на Телевизија 24 на 8.10.2025 година е пример за неетички јавен настап, спротивен на принципите на Кодексот за професионална етика на адвокатите, вели државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски во писмото до Адвокатската комора на Македонија и до нејзиниот претседател Љубомир Михајловски.

„Во името на Јавното обвинителство би сакал најостро да реагирам на начинот на кој дел од адвокатите јавно го коментираат поднесеното обвинение за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ и однапред изнесуваат неосновани очекувања во однос на траењето на судската постапка, без воопшто да се запознаени со содржината на обвинението, доказниот материјал или планираната динамика на Судот за одржување на рочиштата. Ова е спротивно на член 13 од Кодексот за професионална етика на адвокатите, согласно кој во извршувањето на својата професија, адвокатот е должен да го чува угледот на судот и институциите пред кои се јавува. Неговиот настап треба да биде таков, судовите и другите органи во него да гледаат заштитник во спроведувањето на законитоста и заштитата на правата и правните интереси на странките“, пишува Коцевски во писмото до Адвкатската комора.

Изнесувањето на неосновани проценки во поглед на долгото траење на судската постапка наштетува, пред сè, на угледот на Судот и претставува обид истиот да се прикаже како спор и неефикасен, иако судењето воопшто не е започнато, се додава во писмото.

„Нагласуваме дека Јавното обвинителство во моментов води повеќе активни судски постапки со кои се опфатени повеќе десетици обвинети, а судењата течат редовно и без застој. Јавните обвинители се водат единствено од доказите и немаат никаква можност да избираат колку обвинети ќе вклучат во постапките што ги водат. Притоа, укажуваме дека одредени адвокати го злоупотребуваат професионалното својство, се претставуваат и ја коментираат постапката и обвинението како непристрасни правни експерти, без притоа да појаснат дека всушност се бранители на обвинетите кои во основа ги застапуваат интересите на својот клиент, доведувајќи ја со тоа во заблуда јавноста и особено оштетените“, пишува во писмото од Обвинителството.

Местото за соочување на доказите е судницата. Избегнувањето на судската постапка и обидот да се влијае на процесот со јавно изнесување на дезинформации, само ја покажува цврстината на доказите обезбедени од Обвинителството, се додава.

„Во прилог на тоа говори и фактот дека ниту еден од бранителите до овој момент до Обвинителството не доставил доказ или известување дека презел самостојно дејствие за обезбедување докази во корист на неговиот клиент согласно член 306 од Законот за кривичната постапка. Во тој контекст, особено би сакале да го посочиме учеството на адвокат Сузана Јошевска Атанасовска во емисијата „Студио 10“ на Телевизија 24 на 8.10.2025 година како пример за неетички јавен настап, спротивен на принципите на Кодексот за професионална етика на адвокатите. Во емисијата таа изнесува комплетни невистини дека не ѝ бил даден дел од доказниот материјал кој е приложен заедно со обвинението, обидувајќи се на тој начин да го наруши интегритетот на истрагата и угледот на јавнообвинителската институција. Наведените пораки се дел од извештајот за анализирана телефонска комуникација изготвен од МВР-БЈБ, кој е дел од доказниот материјал доставен интегрално во судот и до сите бранители“, пишува Јавното обвинителство.

Целокупниот доказен материјал за предметот „Кочани“, се додава, е навистина обемен и е резултат на макотрпна интензивна работа на јавните обвинители.

„Доколку почитуваната адвокатка не го презела во целост или сè уште не стигнала ни да го прегледа, што е нејзина должност како бранител, тоа ќе има можност да го истакне пред Судот онака како што налага Законот за кривична постапка. Ова особено бидејќи наведените пораки воопшто не се однесуваат на нејзиниот клиент. Ваквиот јавен настап е целосно спротивен на општиот принцип број 5 од Кодексот кој им забранува на адвокатите да се рекламираат и да бараат личен публицитет на недостоен начин, какво што е впрочем изнесувањето целосни невистини“, пишува во писмото до Адвокатската комора.

Пред нас како држава е тежок, но исклучително важен судски процес со кој треба да испорачаме правда за сите жртви во кочанската трагедија, се додава во писмото.

„Адвокатите, исто така, имаат професионална одговорност да дадат придонес за ефикасно и правично судење. Барам од Вас, како претседател на организацијата која треба да ги штити професионалните стандарди на адвокатурата, да апелирате во тој поглед. Јавните обвинители, поради обврската кон семејствата на жртвите и кон повредените, но и кон целокупната јавност, ќе реагираат и остро ќе се спротивстават на секој обид за одолговлекување или компромитација на постапката. Јавнообвинителскиот тим кој ќе го застапува обвинението во предметот за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ е единствен и ја има апсолутната поддршка од целокупната јавнообвинителска организација. Како одговорна и сериозна институција нема да дозволиме ниту едно единствено рочиште да се одложи или да биде обременето по вина на јавен обвинител.
Поднесениот обвинителен акт е потврден од Судот и е стапен на правна сила. Наскоро ќе следуваат одлуки и во други постапки поврзани со овој тежок настан. Јавното обвинителство до крај ќе ја почитува пресумпцијата на невиност на обвинетите, но ќе инсистира на кривичен прогон на секој еден сторител на кривично дело“, се вели во писмото до претседаѕелот на Адвокатската комора од републичкиот обвинител Љупчо Коцевски.

Најнови вести од: Македонија

Откриени бистите на Томас Златков и Александар Стојанов на Градскиот стадион во Кочани

Бистите на Томас Златков и Александар Стојанов верните навивачи на „Сејмени“ на Фудбалскиот клуб „Осогово“ во Кочани, а кои загинаа во пожарот во дискотеката „Пулс“ пред речиси една година денеска беа откриени од страна на нивните пријатели и семејства

Работник починал по пад од висина во Скопје

Работник од кривопаланечко Герман починал по пад од висина во објект во изградба во Скопје. Настанот, како што информира Министерството за внатрешни работи, е пријавен вчера околу 16:30 часот во СВР Скопје, а 59-годишниот работник бил пренесен на Клиника каде околу 17:40 часот починал

МВР: Пријави за семејно насилство во повеќе градови – шест лица лишени од слобода, со две лица извршен службен разговор

На 13.03.2026 година во 21.37 часот во СВР Скопје, 32-годишна жена пријавила дека во домот на подрачјето на Кисела Вода била физички нападната од нејзиниот вонбрачен партнер Д.Б., со кого биле разделени, при што ѝ бил оштетен и мобилниот телефон

Најнови вести

Свет Орбан: Европа нема да ја надмине енергетската криза без руската нафтаЕвропа нема да може да ја надмине енергетската криза без повторна достапност на руската нафта, изјави унгарскиот премиер Виктор Орбан, повикувајќи ја Европската унија да ги укине санкциите кон рускиот енергетски сектор. Во видеообраќање емитувано на унгарската телевизија, Орбан рече дека конфликтот на Блискиот Исток предизвикал недостиг на суровини и нагло зголемување на цените на горивата низ Европската унија. „Европа, како и целиот свет, нема да може да ја надмине нафтената криза без помош од евтината руска нафта“, изјави Орбан, додавајќи дека САД веќе почнале да ублажуваат дел од мерките, додека во Брисел, како што рече, политиката на санкции не е променета. Тој посочи дека последиците од санкциите се видливи во растот на цените на горивата во европските земји. Според него, литар бензин во Австрија веќе чини околу две евра, во Германија повеќе од две евра, додека во Холандија цената е повисока од 2,5 евра. Орбан порача дека унгарската влада нема да дозволи таков раст на цените во својата земја. Владата во Будимпешта претходно воведе ограничување на малопродажните цени на горивата, при што бензинот од 95 октани чини околу 1,5 евра за литар, а дизелот околу 1,6 евра. Унгарија претходно ја повика Европската унија да го следи примерот на САД и да ја суспендира забраната за увоз на руска нафта. Во меѓувреме, американското Министерство за финансии ги укина санкциите за продажба на руска нафта и нафтени деривати натоварени на бродови пред 12 март. Според општата лиценца што ја издаде Канцеларијата за контрола на странски средства (ОФАК), ваквите трансакции ќе бидат дозволени до 11 април. Американскиот министер за финансии Скот Бесент изјави дека оваа одлука може да ја зголеми количината на нафта на светскиот пазар и да придонесе за намалување на цените на суровата нафта. објави Скопје1.мк

To top