Македонија

Препораки од Венецијанската комисија за реформи во Јавното обвинителство и Советот

Предложените закони за Јавното обвинителство и за Советот на јавни обвинители, и покрај неколку недостатоци, содржат многу позитивни карактеристики – нови или преземени од законите што се во сила, се наведува во заедничкото мислење на Венецијанската комисија и Генералниот директорат за човекови права и владеење на правото (ДГИ) на Советот на Европа по двата предлог-законски текста на македонската Влада.

facebook.com/MinisterstvoPravda/

Предложените закони за Јавното обвинителство и за Советот на јавни обвинители, и покрај неколку недостатоци, содржат многу позитивни карактеристики – нови или преземени од законите што се во сила, се наведува во заедничкото мислење на Венецијанската комисија и Генералниот директорат за човекови права и владеење на правото (ДГИ) на Советот на Европа по двата предлог-законски текста на македонската Влада.

Во мислењето се препорачува измена на Уставот со што би се ограничило правото на реизбор на јавниот обвинител, како и тој да се бира и разрешува со квалификувано мнозинство во Собранието.

„Со оглед на важноста на овие прашања за автономијата и релативната независност на Јавното обвинителство, Венецијанската комисија препорачува во контекст на идната уставна реформа, Уставот да се измени и по овие точки“, се наведува во документот.

Во однос на Предлог-законот за Советот на јавни обвинители, во мислењето се препорачува да се преиспита времетраењето на професионалното искуство на сите членови-поротници на Советот, како и да се обезбеди алтернатива на начинот на кој се избираат четирите членови-поротници, со што ќе се обезбеди избор базиран на заслугите и интегритетот на кандидатите, како и разновидна застапеност.

Венецијанската комисија предлага и функцијата на обвинителите избрани за членови на Советот на јавни обвинители да биде суспендирана за времетраењето на нивниот мандат во Советот.

„Да се разјаснат концептите ‘влијае врз автономијата на јавните обвинители’ или ‘ги занемарува или не ги извршува своите функции и должности во работата на Советот’ како основа за разрешување на членовите на Советот на јавни обвинители“, се наведува во препораките.

Се предлага вклучување дополнителни заштитни мерки со цел важни одлуки, како оние за предвремен прекин на мандатот на член на Советот, да се носат со мнозинство гласови на обвинителите во Советот.

„Во Предлог-законот експлицитно да се предвиди дека и обвинителите и лаиците членови на Советот се избрани врз основа на индивидуален капацитет, дека членовите обвинители не се подредени на Јавниот обвинител на Републиката во однос на нивната работа во Советот, како и да се предвиди дека Јавниот обвинител нема право на глас во Советот за одредени области, како што е дисциплината“, се наведува во документот.

Венецијанската комисија предлага и како преодна мерка во Законот да се предвиди дека актуелните членови на Советот ќе продолжат да ја вршат функцијата до истекот на нивните сегашни мандати.

Во однос на Предлог-законот за Јавното обвинителство, Венецијанската комисија препорачува при одредување на подобноста за извршување на функцијата јавен обвинител меѓу критериумите да се вклучат и менаџерските и организациските вештини, како и да се прецизира дека е можен само еден реизбор на јавниот обвинител.

„Да се предвиди дека секоја кривична пресуда што подразбира затворска казна го прекинува мандатот на Јавниот обвинител и обвинителите; да се изменат основите за разрешување на Јавниот обвинител за да се обезбеди поголема јасност и предвидливост; да се бара од Владата да достави јасно образложение до Собранието кога отстапува од мислењето на Советот на јавни обвинители за разрешувањето на Јавниот обвинител и да се обезбедат соодветни процедурални заштитни мерки за обвинителите што се оценуваат“, се додава во препораките.

Венецијанската комисија препорачува да се отстрани можноста две последователни негативни оценки за работењето од листата на „најтешки дисциплински прекршоци“ да доведат до разрешување на обвинител, како и да се разјасни дека одговорноста на јавниот обвинител пред Собранието не се однесува на поединечни обвинителски одлуки и гонења на Јавното обвинителство.

Во мислењето се препорачува и да се овозможи член-поротник на Советот на јавни обвинители да биде и негов претседател, како и да се прошири можноста за барање за изземање на член на Советот на јавни обвинители поради судир на интереси ако учествувал или учествува во други постапки против тој јавен обвинител или кандидат за јавен обвинител.

„Да се избрише фразата ‘освен ако не е поинаку определено’ од одредбата за еднаквост на правата и обврските на членовите на Советот на јавни обвинители во Предлог-законот за Советот на јавни обвинители или да се обезбеди затворен список на исклучоци од еднаквост на правата и обврските на членовите на Советот. Да се разјаснат некои од дисциплинските основи во членовите 93 и 94 од Предлог-законот за Јавното обвинителство, како и концептот на ‘тешки последици’ што се користи во член 90 од истиот Предлог-закон“, додава Венецијанската комисија, посочувајќи дека останува на располагање на македонските власти за понатамошна помош по овие прашања.

Заедничкиот документ на Венецијанската комисија и на ДГИ е изработен по барање на министерот за правда Игор Филков од 24 јули годинава за мислење за Предлог-законот за Јавното обвинителство и Предлог-законот за Советот на јавни обвинители.

Мислењето е побарано во врска со намерата на македонската Влада да го подобри судскиот интегритет преку ревидирање на процесите за регрутирање, избор, назначување, оценување, унапредување, преместување и разрешување на судии и обвинители.

– За таа цел, во декември 2023 година беше усвоена Стратегијата за реформа на правосудниот сектор (2024-2028), која утврдува различни мерки со цел, меѓу другото, зајакнување на автономијата на Јавното обвинителство, подобрување на улогата на Советот на јавни обвинители (особено во однос на евалуацијата на обвинителите), реформа на процедурите за избор на членови на Советот и подобрување на дисциплинските постапки – посочува Венецијанската комисија.

Во рамки на подготовките на мислењето, делегација на Комисијата на 1 и 2 септември престојуваше во Скопје на средби со претставници на Министерството за правда, Врховниот суд, Советот на јавни обвинители, Здружението на обвинители, Адвокатската комора, на Делегацијата на ЕУ во земјава, како и на неколку невладини организации.

Најнови вести од: Македонија

Николоски: Автопатот Прилеп – Битола се гради со силна динамика, започнуваме постапка за изградба на автопат и од Фариш до Прилеп

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски денеска од Прилеп најави три крупни инфраструктурни проекти за долгорочен развој за општината

Законот за високо образование нема да се повлече, јавнaта расправа продолжува

Министерката за образование и наука Весна Јаневска на седницата на Собранието посветена на пратеничките прашања од опозицијата рече дека нема намера да ги повлече предложените измени во Законот за високо образование, наспроти поплаките од универзитетите и барањата од опозицијата тоа да го стори.

Тошковски за донацијата од САД за бомбашкиот оддел на МВР: стратегиското партнерство ја јакне безбедноста на Македонија!

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска во кругот на министерството присуствуваше на предавање на опрема, обезбедена во соработка со американската амбасада во Македонија и програмата АТА. Се работи за донација за опрема за потребите на Единицата за откривање и демонтирање експлозивни средства и направи во Секторот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам при Одделот за сузбивање  организиран и сериозен криминал.

Вчера уапсени шестмина, возеле без возачка дозвола, со активна забрана и под дејство на алкохол!

Во текот на вчерашниот ден, полицијата на целата територија на Македонија лиши од слобода шест возачи, од кои четири за возење без возачка дозвола, еден со забрана за управување возило од Б категорија и еден под дејство на алкохол.

To top