
Знам дека многумина се потсмеваат, дел се чудат а одредени дури се и гневни на изјавите на лидерот на СДСМ, Венко Филипче дека резултатите од изборите не се лоши за партијата. Некои побрзаа да прогласат дека заменичката на Филипче, професорката Ана Чупеска пати од делузија, особено откако изјави дека перспективите за изборите можат да бидат различни и дека нејзината перспектива е дека СДСМ победува. Но тоа се главно злобници. Јас генерално се согласувам со Филипче и Чупеска. Не само што не е лошо, дури оди и на добро. Можеби тргнувам од поинакви причини, но главната идеја ни е иста.
Да ги погледнеме фактите. СДСМ оствари чиста, пефектна победа во Кривогаштани и уште во две општини во првиот круг. Има шанса уште во пар други. Во бастионот Струмица свесно беше жртвувана кралица во ликот на Костадинов, ВМРО-ДПМНЕ убедливо победи, но на долг рок, значи во перспектива, работите ќе одат во прилог на СДСМ. Во Скопје, Каја Шукова можеби заврши на четвртото место, но тоа не е нејзина ниту пак вина на партијата. Таа имаше визија за метрополата која граѓаните во својата наивност не ја разбраа и побрзаа да му дадат глас на Орце Ѓорѓиевски. Пакосните мрморат: добро, а што е со Битола, Прилеп, Велес, Охрид, речиси сите скопски општини, што со Штип, Берово и десетици други? Јас велам дека повторно е во прашање недостаток на визија кај битолчани, прилепчани, велешани и да не набројувам. И, како што вели Чупеска, важна е перспективата од која гледате. Сега се случи пораз во педесетина општини, ама во догледна иднина, со правилен пристап и квалитетни политики, сето тоа може да се смени.
Не сум ги прочитал мислите за оваа тема на бардовите од рангот на Зоран Иванов и Тричковски, на ценетиот Џабир или на интелектуалниот гигант Тито Беличанец, ама верувам дека во голема мера се поклопуваат со ова што јас го говороам. А тие знаат што е што, да не се лажеме.
Понатаму, видлив е ентузијазмот на раководството на партијата. Се чувствува нова, силна енергија. Реформите одлично напредуваат, квалитетните кадри како Чупеска и Фани даваат нов, толку потребен инпут. Единствено се прашувам и негодувам зошто не се користат квалитетите на некои докажани ликови од минатото. Што е со Бојан Маричиќ на пример, лик кој може и тоа како да допринесе за идните победи? Или слични на него за кои знаеме дека успешно се интегрираат во таа идеолошка матрица.
Сепак, јас не се мешам во нивните внатрешни политики, ниту пак имам право на такво нешто. Членството треба да реши. Да, тоа членство, (заедно со ентузијастите) сега е значително намалено, за очекувње е дека на следните избори нема да има ниту 100 илјади гласови на конто на СДСМ, но општо е познато дека не е важен квантитетот туку квалитетот. И од таа позиција мора да се гледаат нештата. Перпсктивата е добра, со уште повеќе усилби, може да стане и сјајна. Најважно е раководството да опстои на сегашните политики па колку сакаат овие или оние да негодуваат. Правилната линија е поставена и треба само мудро да се следи. Кон нови победи. Кон европска иднина. За добро на сите. За доброто на Македонија!
Драган Милосављевиќ