Македонија

Аларм: „Внимание, стаорците нема да чекаат втор круг на избори“, велат лекарите

Докторката по семејна медицина д-р Даринка Чадиевска, вели дека органскиот отпад е богата подлога за микроорганизми како Salmonella, Escherichia coli и Clostridium perfringens, кои можат да се пренесат на човекот преку воздух, контаминирани површини или преку инсекти и глодари.

Во последниот период, Скопје се соочува со сериозен проблем со несобран отпад кој со денови стои околу контејнерите и јавните површини. Иако изгледа како комунален проблем, овој феномен има длабоки здравствени последици и претставува потенцијална закана за јавното здравје. Од медицински аспект, долготрајното присуство на ѓубре во урбаната средина создава идеални услови за развој на бактерии, вируси и паразити кои можат да предизвикаат сериозни заразни заболувања, објави Фактор.

Докторката по семејна медицина д-р Даринка Чадиевска, вели дека органскиот отпад е богата подлога за микроорганизми како Salmonella, Escherichia coli и Clostridium perfringens, кои можат да се пренесат на човекот преку воздух, контаминирани површини или преку инсекти и глодари.

  • „Еден од најчестите здравствени ризици во вакви услови се гастроинтестиналните инфекции, придружени со повраќање, дијареа и стомачни болки, но постои и опасност од појава на вирусен хепатитис А и други заразни болести. Несобраниот отпад привлекува муви, комарци и стаорци, кои се познати преносители на различни патогени. Мувите можат да пренесат бактерии од ѓубрето на храната во домовите, додека стаорците се носители на лептоспироза и салмонелоза. Во летните месеци, високите температури го забрзуваат распаѓањето на отпадот и создаваат силен непријатен мирис, а инсектите се размножуваат со голема брзина, што ја зголемува можноста за појава на епидемии. Во зимските и дождливи денови, пак, водата што се меша со отпадот може да ја контаминира почвата и површинските води, создавајќи долготрајни ризици за здравјето и животната средина“, вели таа.

Според неа, отпадот нема само биолошки ризици туку претставува и хемиска закана.
  • „Покрај биолошките ризици, несобраниот отпад претставува и хемиска закана. Во процесот на распаѓање се ослободуваат гасови како амонијак, метан и сулфурни соединенија, кои можат да предизвикаат иритација на дишните патишта, кашлање и влошување на хронични белодробни заболувања. Доколку дојде до палење на отпадот, се ослободуваат и токсични материи како диоксини и фурани, кои се штетни за здравјето и имаат долгорочни канцерогени ефекти. Живеењето во нечиста и загадена средина негативно влијае и на психичката состојба на луѓето. Непријатниот мирис, глетката на распаднат отпад и чувството на небезбедност предизвикуваат стрес, вознемиреност и општа незадоволност. Ова ја нарушува општата благосостојба и го намалува квалитетот на животот, особено во густо населените урбани средини“ вели таа.

Чадиевска потенцира дека проблемот со несобраниот отпад во Скопје не смее да се гледа како обична комунална потешкотија.

  • „Тоа е јавно-здравствено прашање што бара итна и координирана реакција. Редовното собирање на отпадот, навремена дезинфекција на локациите и контрола на инсекти и глодари се основни мерки за спречување на зарази. Воедно, потребна е засилена јавна свест за хигиената и поголема институционална одговорност. Доколку не се интервенира навремено, Скопје ризикува да се соочи со појава на заразни болести, загадување на воздухот и водата и нарушување на здравјето на своите граѓани. Превенцијата мора да биде приоритет – затоа што секој ден задоцнување ја зголемува можноста за сериозни здравствени последици“, истакна таа.

Со реакција се огласи и д-р Никола Пановски, кој нагласи дека стаорците нема да чекаат втор круг на избори.

  • „Внимание, стаорците нема да чекаат втор круг на избори!!!

Вториот круг, заедно со рокот на жалби, предавањето на функцијата, нема да заврши пред 9.11.2025. За 18 дена стаорците, па и глувците може енормно да се размножат. Скопје веќе 20 дена е елдорадо за глодарите. Имаат достапна храна во изобилство. Излегуваат од подрумите, канализацијата и се хранат, се оплодуваат и за едем месец од секое животно ќе се создадат во просек по 10 младенчиња. Значи и по евентуално чистење на градот за 72 часа по 20 дена, ќе имаме илјадници гравидни глодарки кои на свет ќе донесат десетици илјади младенчиња. Можеби ќе имаме исчистен град, но глодарите ќе бидат многубројни и барајќи храна, ќе бидат крајно агресивни. Храната ќе ја бараат во нашите подруми и гаражи, а ако не ја најдат ќе ни влезат дома.

За болестите кои можат директно или индиректно да ги пренесат, прочитајте детално на постот кај колегата Ивица Апостолов, многу точно и коректно напишано.

Значи, апелирам до Владата, прогласете вонредна состојба, сметот почнете да го чистите веднаш!. МЗ, Центар за јавно здравје, Институт за јавно здравје, Агенција за храна и ветеринарство, што правите, па вие сте платени да апелирате, да наредувате, да превенирате, не е тоа моја работа. Десетици платени специјалисти по хигиена, епидемиологија, микробиологија, ветеринари, каде сте? Воопшто не е важно дали сега е опортуно да молчите, да чекаме да се исполни ветувањето за 72 часа, аман веќе, побарајте итна акција од Владата, ако не ве слушаат излезете на улица“, напиша тој на социјалните мрежи.

Во меѓувреме некои од општините самоиницијативно побараа помош од другите општини за да ги исчистат населбите од насобраното ѓубре.

Најнови вести од: Македонија

Кој и зошто му го хакирал мејлот на главниот државен ревизор Максим Ацевски?!

Хакиран бил мејлот на главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски, соопшти Државниот завод за ревизија. Можеби е некакво совпаѓање, но Ацевски само еден ден претходно, на 30 јули во интервју за ТВ 24 изнесе дека гостиварското јавно претпријатие „Водовод“ уште од 2007 година работи неодговорно и неефикасно, а неговата сметка во континуитет е блокирана.

Мицкоски за враќањето на пасошот на обвинетиот Марковски: Обвинител во Вишото обвинителство грубо манипулирал, соучесник е во ова, ќе има истрага!

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека го следи случајот со враќањето на пасошот на Борче Марковски, обвинет за злоупотреби од страна на Основниот суд во Струга, и посочи дека во него, како што истакна, „има груба манипулација од локален јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство, кој е соучесник во овој процес“.

Армијата на Република Македонија доби 53 нови офицери, Мисајловски им порача: Ќе бидете чувари на мирот, стабилноста и безбедноста

Армијата на Република Македонија денеска доби 53 нови офицери на свечената промоција што се одржа на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“. Промовирани беа 36 питомци од 26. класа, 16 слушатели од Курсот за стручно оспособување и усовршување на офицери за службите на Армијата, како и еден питомец, кој дипломирал на престижната Воена академија Вест Поинт во Соединетите Американски Држави.

Јачева- Улчар: Зад посебноста на македонскиот јазик стојат чувствата на македонскиот народ, но и аргументите на европската наука уште пред 120 години!

„Историјата на македонскиот јазик не ја испишувале само Македонците. Во неа своја трага оставиле и некои од најголемите европски лингвисти на своето време. Кога денес зборуваме за македонскиот јазик не смееме да заборавиме дека зад неговата посебност не стојат само чувствата на еден народ. Стојат и научни аргументи изградени многу пред создавањето на современите држави на Балканот. Историјата на македонскиот јазик не треба да се брани со пароли, туку со документи и факти, кои сведочат дека уште пред повеќе од еден век најугледните европски лингвисти го препознале она што денес некои сѐ уште се обидуваат да го негираат.“ – нагласува д-р Елка Јачева – Улчар, професорка во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, во својата објава на фејсбук со наслов „За посебноста на македонскиот јазик“.

To top